Нестварна квартална добивка на „Сауди Арамко“

„Сауди Арамко“, најголемата светска нафтена компанија, во неделата соопшти дека нејзиниот профит во третиот квартал речиси тројно се зголемил во споредба со истиот период претходната година, бидејќи побарувачката за гориво закрепна од пандемијата и поради порастот на цените на енергенсите.
„Арамко“, националната нафтена компанија на Саудиска Арабија, изјави дека нето приходот за периодот од јули до септември изнесуваше 30,4 милијарди долари, во споредба со 11,8 милијарди долари пред една година, кога побарувачката за нафта, како и цените, паднаа.
Огромниот профит во голема мера е одраз на брзиот раст на цената на нафтата. Во соопштението на „Арамко“ не се даваат целосни финансиски детали, но веројатно е дека за својата нафта во овој квартал добиваше во просек околу 70 долари за барел, во споредба со 43,60 долари за барел во истиот период во 2020 година.
Саудиска Арабија и другите земји производители на нафта значајно го намалија производството како одговор на падот на побарувачката бидејќи пандемијата го забави возењето, воздушниот сообраќај и другите активности. Сега тие земји го зголемуваат производството, но со темпо што е фрустрирачки бавно според мислењето на некои критичари, вклучително и администрацијата на Бајден, пренесува Сеебиз.