Непречено се одвиваат градежните активности за реконструкција на пругата Куманово – Бељаковце


Почната е изградбата на осум подвозници и шест надвозници во рамки на градежните активности за реконструкција на пругата Куманово-Бељаковце од европскиот коридор 8, соопштија денеска од Јавно претпријатие за железничка инфраструктура, Железници на Република Северна Македонија. Во периодов се довршуваат започнатите работи на пет надвозници, два подвозника, два пропусти и мостот на река Пчиња.

– Со цел, изградба на современа пруга како дел од европскиот железнички коридор 8, се предвидува и започната е изградба на осум подвозници и шест надвозници со кои се заменуваат сите патни премини во ниво со денивелирани патни премини. Со ова се добива железничка пруга со која се добива безбедна и непречена комуникација на населението. Интензивно се работи на довршување на станичните објекти во железничките станици Ново Куманово, Шупли Камен и Бељаковце, а во фаза е и изработка на основен проект за реконструкција на станичната зграда во железничка станица Куманово. Со претходниот проект не беше предвидена реконструкција на оваа станична зграда, но како резултат на соработката со Општина Куманово и оваа задача беше доделена на новиот изведувач на работите. Се работи на чистење на постоечките и изградба на нови бетонски одводни канали, како и работи на заштита на косините кај засеците – изградба на заштитни ѕидови од габиони, информираа за МИА од претпријатието.

Дел од активностите се спроведуваат и во населени места како што е населбата „Перо Чичо“, каде продолжи изградбата на нов надвозник кој ќе биде поставен паралелно со железничкиот подвозник. Од претпријатието наведуваат дека ќе се изгради и звучна бариера помеѓу пругата и куќите во непосредна близина, со што појаснуваат ќе се подобри квалитетот на животот на жителите.

– Населението е задоволно, бидејќи овој нов пат е во непосредна близина на патеката кои тие секојдневно ја користат и ќе овозможи безбедна и брза комуникација овој дел на населбата со останатиот дел од градот, велат од претпријатието.

И за претпријатието пречка е „дивата“ депонија на трасата. Таму се планира чистење во соработка со општината и П „Чистота и зеленило“ по што ќе постави ограда околу пругата и ќе се оформи градилиште на кое невработените лица нема да имаат пристап.

Градежни активности се планирани и во село Лопате каде, како што посочуваат од претпријатието, железничките пруги од коридор 8 и коридор 10 се вкрстуваат со регионалниот пат кој води кон селата Липково и Опае.

– Со претходниот проект беше предвидена изградба на подвозници на местото на патниот премин. Меѓутоа, беше констатирано дека ова решение има бројни недостатоци: високи подземни води кои претставуваат проблем не само при изградба, туку и во фаза на експлоатација кога треба континуирано да работат пумпи кои водата од подвозникот (и висока подземна и атмосферска) да ја одведуваат во липковска река, тешкотии при изградба заради близина на куќи, неопходност од изградба на кружен тек веднаш пред влезот во училиштето кој треба да овозможи пристап до сите куќи покрај патот и пругата, дислокација на постоечка трафостаница. Затоа, се пристапи кон изнаоѓање на ново техничко решение со кое се предвидува девијација на регионалниот пат и изградба на надвозник кој ќе оди преку пругите од коридор 8 и коридор 10, велат од претпријатието.

Надлежните објаснуваат дека со новото решение ќе се надминат претходните проблеми и ќе се зголеми безбедноста на мештаните, бидејќи интензивниот сообраќај кој се одвива по овој регионален пат се оддалечува од центарот на селото и училиштето. Стручните одржале средби со населението од Лопате на која ги информирале за новото решение.

– Некои беа задоволни, но некои од присутните изразија загриженост, бидејќи за изградба на надвозникот и овој пат е потребна експропријација, се нарушува комуникацијата на која се навикнати и предложија девијацијата да се приближи кон реката. Проектантите се согласија да ги разгледаат предлозите на присутните и да проверат дали и колку може да се коригира ова техничко решение, како и да се обезбеди пристап до сите објекти. Во врска со ова прашање и други прашања поврзани со изградба на пругата одржавме состанок со стручни служби од Општина Куманово и претставници од јавните претпријатија „Водовод“ и „Чистота и зеленило“, велат од ЈП.

Од претпријатието велат дека безбедноста на жителите, вработените е приоритет, за што се оформени градилишта на кои невработените немаат пристап. За сите вработени лица од страна на изведувачот и надзорот присутни во градилиштата задолжително е носење на заштитна опрема и следење на сите безбедносни процедури. За изградба на надвозникот во населбата „Перо Чичо“ организиран е посебен сообраќаен режим кој овозможува безбеден сообраќај и непречена работна активност на објектот

Покрај изградбата на трите станици Ново Куманово, Шупли Камен и Бељаковце во кумановско, предвидена е и изградба на шест стојалишта: Лопате, „Перо Чичо“, Проевце, Доброшане, Клечовце, Довезенце кои ќе овозможуваат брза и сигурна комуникација.

– Изведувачот на градежните работи се поттикнува да вработува локално население и ангажира локални фирми во фаза на изградба, но секако, и покасно – во фаза на експлоатација ќе има потреба од вработување на лица кои ќе работат во функција на непречено одвивање на железничкиот сообраќај. Така, за непречено одвивање на железничкиот сообраќај потребни се шефови на станици, отправници, а за одржување на пругата – надзорници, работници, како и инженери од сите профили. Со изградбата на пругата ќе се отворат повеќе можности за развој на стопанството и истото ќе има поволно влијание за развој на општина Куманово, додаваат од претпријатието.

Градежните работи за реконструкција на пругата Куманово-Бељаковце, продолжија во октомври 2022 година. Нов изведувач на работите е „STRABAG Sp.zo.o-Branch office Skopje“, а надзорот на работите го врши „IRD Engineering“.

Со овој проект се предвидува реконструкција на пругата во должина од 30,8 километри.