„Нема вистина“: Мицкоски за пишувањето на британските медиуми за мигрантите


Христијан Мицкоски и Кир Стармер се сретнаа во октомври во Лондон. Британскиот премиер тогаш соопшти дека разговарале за мигрантите

 

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва за прв пат директно изјави дека пишувањата на лондонски „Тајмс“ и други британски медиуми за можното носење на мигранти, за кои бил одбиен азилот во Британија, не се точни.

„Не, нема вистина“, рече Мицкоски во интервјуто за Сител за пишувањата на британските медиуми за мигрантски кампови во државата.

Тој потоа се надоврза на претходните сопствени изјави дека не може да разбере зошто СДСМ биле неодговорни и ширеле паника и страв кај граѓаните кога ги пренесувале пишувањата на британските медиуми и рече дека тоа било „Неодговорно однесување“.

„Од друга страна ги разбирам затоа што ова е тема на која што тие мислат дека внатрешно ќе се мобилизираат, иако ако се вратиме наназад во минатото ќе забележиме дека практично политиката која што тие ја воделе и нивните влади, е токму промигрантска, односно луѓе кои што воделе политика на интегрирање на мигранти. И тоа јасно го кажува националната стратегија од 2017 година усвоена и донесена на владина седница од страна на тогашното министерство за социјална политика и труд, и врз основа на таа стратегија тие праќаат дописи во општините за да бараат соодветни места и локации каде што би се изградиле потенцијални кампови односно живеалишта на лица кои што се странски државјани и кои што би се интегрирале“, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека дека нема никаков договор за прифаќање на мигранти, легални или илегални.

„Сакам да испратам порака до граѓаните, дека таков тип на прифаќање, на мигранти, легални, илегални, бидејќи гледам дека сега бараат семантика во зборовите, со договор не постои, ниту пак ќе постои додека сум јас претседател на владата“, нагласи Мицкоски.