Нема промена во блок тарифите, одлука за цената на струјата во наредните две недели

Пред да се донесе конечната одлука ќе треба да се види колку ќе бидат трошоците за загуби на електрична енергија, односно цената по која што ќе се понуди на тендерите кои ги распишаа МЕПСО и ЕСМ, вели Бислимоски


Фото: Б. Грданоски

Во наредните десетина дена енергетските компании во државата се очекува да ги достават барања до Регулаторната комисија за енергетика во однос на цената на електричната енергија, по што РКЕ ќе донесе и конечна одлука дали од Нова година ќе има поскапа струја за домаќинствата. Она што е познато е дека нема да има промена на блока тарифите, кои ќе важат и понатаму. 

„Прво да видиме по која цена ЕСМ ќе понуди на ЕВН хоум. Во моментов таа цена е 48 евра за мегават час која што е далеку пониска  отколку што е реалната цена на ЕСМ“, изјави денеска на прес-конференција Марко Бислимоски, претседател ан Регулаторната комисија за енергетика.

Тој посочи дека пред да се донесе конечната одлука ќе треба да се види колку ќе бидат трошоците за загуби на електрична енергија, односно цената по која што ќе се понуди на тендерите кои ги распишаа МЕПСО и ЕСМ.

„Доколку на тие тендери има екстремно високи цени, што е многу веројатно бидејќи денеска на ХУПЕКС цената е нешто над 400  евра за мегават час, ќе видиме дали повторно ќе има потреба ЕСМ да дава далеку пониска цена за загубите отколку таа што би била на слободниот пазар на електрична енергија“, рече Бислимоски.

Тој додаде дека кога РКЕ ќе ги има резултатите од овие три тендери, кои што горе-долу ќе завршат во ист период, тогаш компаниите ќе достават барања до РКЕ и врз база на тие трошоци кои што ги имаат, ќе се донесе соодветна одлука.

„Тендерите се веќе објавени и некаде во следните десетина дена ќе се достават понудите и ќе се евалуираат понудите што ги доставиле трговците, односно снабдувачите со електрична енергија“, рече Бислимоски.

Станува збор за тендери за набавка на електрична енергија за универзалниот снабдувач ЕВН хоум, и постапките за набавки на загуби на електрична енергија во МЕПСО и во Електродистрибуција.

Во однос на постојните блок-тарифи, како и зголемувањето на ДДВ од пет на 10 отсто од 1 јануари, Бислимоски не се прават никакви измени како и дека постојните блокови ќе продолжат да се применуваат и понатаму.

„Резултатите од јули до октомври се добри, има преку 16 отсто намалување на потрошувачката: Сепак, тоа не се најреферентни месеци, вистинската примена на блоковите, односно како влијаат на намалување на потрошувачката, ќе ја видиме од ноември до февруари, бидејќи тие се месеци кога се греат луѓето“, вели Бислимоски.

Во однос на цените на домаќинствата тој посочи дека е факт дека преку 99,5 проценти влегуваат во трите блока, така што кога ќе бидат доставени барањата од страна на енергетските компании, ќе се анализираат и цените кои што ќе бидат во сите блокови.

Во однос на најавата за воведување блок тарифи и за малите потрошувачи, Бислимоски рече дека анализите во најголем дел се готови, но за разлика од потрошувачката кај домаќинствата, кај малите потрошувачи има голема шареноликост, бидејќи има потрошувачи и со 100 илјади киловат часови потрошувачка на месечно ниво, има и потрошувачи со 500 киловат часови на месечно ниво.

„Ќе се обидеме врз основа на овие податоци да најдеме соодветен модел доколку е можно, се со цел на оние со голема потрошувачка да не им наштетиме и да имаат високи цени бидејќи производните процеси во нивните фабрики бараат да имаат голема потрошувачка и за тоа не треба да бидат казнети“, рече Бислимоски.

Одлуките кои што ќе ги донесе РКЕ ќе стартуваат од 1 јануари, вели Бислимоски

Тој додаде дека во делот на цените на електричната енергија Регулаторната комисија за енергетика ќе се насочи кон наоѓање начин да се помогне на македонската економија, пред се на малите потрошувачи, а исто така и на другите потрошувачи кои што се на слободен пазар, а ги плаќаат своите трошоци за мрежарина.

Одлуките кои што ќе ги донесе РКЕ ќе стартуваат од 1 јануари.

Бислимоски се осврна и на потрошувачите кои сега се снабдувани од ЕСМ продажба, а кои не се мали потрошувачи, туку се потрошувачи кои беа на слободниот пазар на електрична енергија.

„ЕСМ продажба врши дејност снабдување со електрична енергија и тоа го прави како сите снабдувачи во државата. Значи, тоа не е регулирана енергетска дејност, бидејќи е снабдување на слободниот пазар на електрична енергија“, рече Бислимоски.

Согласно Законот за енергетика ЕСМ како производител на електрична енергија има обврска да обезбеди електрична енергија за малите потрошувачи и домаќинствата. Таа обврска за 2023 година е 55 проценти од вкупните потреби, во 2022 година беше 60 отсто, во 2021 беше 65 проценти …

„Но, ЕСМ за да обезбеди ценовна стабилност, обезбедуваше 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата. Тоа е обврска согласно Законот за енергетика. На ЕСМ му се дадени дополнителни обврски од државата, пред се да обезбеди електрична енергија за техничките загуби на електрична енергија во преносната и во дистрибутивната мрежа и тоа на годишно ниво е околу 1.000 гигават часови“, рече Бислимоски.

Тој нагласи дека тоа не е обврска на ЕСМ што произлегува од Законот за енергетика, туку е обврска што му е наметната од владата, за да се избегнат уште поголеми трошоци за набавка на загуби, а со тоа и зголемени мрежарини.

Доколку МЕПСО и  Електродистрибуција своите загуби на електрична енергија ги набавуваа на слободниот пазар на електрична енергија како што се прави од 1 јануари 2012 година тогаш нивните вкупни трошоци на двете компании на годишно ниво би биле повисоки за околу 300 милиони евра.

„За да не паѓа тоа на товар на потрошувачите, ЕСМ презема обврска по налог на владата да ги обезбедува овие по многу пониски цени од пазарните, односно по околу 143 евра за мегават час. И сето тоа го прави ЕСМ во рамки на своите активности на слободниот пазар на електрична енергија. Значи овие увози кои што ги прави ЕСМ се увози за слободниот пазар на електрична енергија и тие не влегуваат во пресметките при определувањето на цената на електричната енергија. Трошокот што ќе го има ЕСМ за да обезбеди електрична енергија за ЕВН хоум, во однос на увоз на електрична енергија, од 1 јули до сега е нула денари. И од 1 јануари 2023 година ќе биде нула денари“, рече Бислимоски, нагласувајќи дека јавноста треба да биде правилно известена „Тие увози на електрична енергија се прават за слободниот пазар на електрична енергија“, потенцираше претседателот на РКЕ.

Тој додаде дека ако се анализира така, тогаш загубите на електрична енергија кои што се набавувале на слободниот пазар од МЕПСО и од Електродистрибуција од 2012 година до сега исто така се обезбедувале на слободниот пазар на електрична енергија од увоз.

„Но, сега одеднаш од 2012 до 28 февруари 2022 тоа не се сметало за увоз, а сега кога го прави ЕСМ се смета за увоз“, реагираше Бислимоски на обвинувањата од дел од партиите. „Верувајте на фактите и податоците кои што ги кажува РКЕ“, рече тој.

Бислимоски тврди дека и оваа година потреби за увоз за потребите на мали потрошувачи и на домаќинства ќе беа нула денари доколку не се случуваа преминувањата од слободниот на регулираниот пазар. Истото се однесува и на потребата за увоз на електрична енергија за регулираниот пазар од 1 јануари, која според него ќе биде нула денари.

Во однос на компаниите што се префрлаа од слободниот на регулираниот пазар, односно за околу 3.000 мерни места, Бислимоски вели дека тоа што го направиле, го направиле во март и во април, односно дека биле известени институции кои што можат да вршат инспекциски надзор.

„Владата во средината на ноември донесе одлука со која што им наложи на сите компании кои што биле на слободниот пазар, заклучно со 31.12.2021 година истите од 1 јануари 2023 година да се вратат на слободниот пазар на електрична енергија. Сигурно има случаи некои да треба останат на регулираниот пазар, но препорачуваме операторот на електро дистрибутивниот систем да излезе на терен и да направи проверка за да не се случува тоа што се случи“, рече Бислимоски.