Нема пресуда за Мијалков, „Тортура“ ќе се преотвори

Судијата Александра Ристевска, денеска, не донесе пресуда за случајот „Тортура“ во кој се обвинети поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и шестмина полициски „Алфи“.
-Неспорно беше дека се случил настанот. За судот остана нејасно кој од обвинетите какви дејствија презел. Потребно е дополнување на постапката, да се преотвори и да се утврди видот и карактерот на употребената сила, појасни судијата Ристевска.
Судењето ќе продолжи во јули.
– Согласно член 397 став 1 од ЗКП, Судот оцени дека е потребно дополнување на постапката и разјаснување на одделни прашања и затоа постапката ќе се преотвори. При изведување на сите докази, за членовите на советот е неразјаснето прашањето за употребената сила, закана и отпор. Останаа неразјаснети одредени околности и во моментот постои фактичка пречка за донесување на одлука од судот. Неопходно е да се преотвори главната расправа заради овие причини и затоа следното рочиште се закажува за 8 јули, рече судијката Ристеска на денешното закажано изрекување на пресудата.
Адвокатот Љупчо Шврговски, кој го застапува Мијалков, во завршните зборови нагласи дека ниту теоријата ниту праксата познаваат стек односно спој, каде едно лице може да се јави и во улога на извршител и поттикнувач, односно не може да постои квалификација во која Мијалков може да биде поттикнувач на извршување на кривичното дело.