Нема поука од Ласкарци: Шофери без дозвола превезуваат деца

Ученици од средни и основни училишта низ Гостиварско се возеле во комбиња кои ги управувале шофери без возачка дозвола, имало возачи без лекарско уверение, а дел од возилата биле нерегистрирани.

По трагедијата што се случи кај селото Ласкарци на 13 февруари, единствено што се промени се извештаите што ги објавува полицијата за акциските контроли што ги направила. Овие извештаи, кои речиси секојдневно стигнуваат во медиумите, воопшто не ја менуваат сликата за функционирањето на јавниот превоз, туку на површина го извадија несериозниот пристап на превозниците кон своите патници.

Со последната акциска контрола во Гостивар биле опфатени 35 возила, комбиња кои превезувале ученици. Откриени се девет возила со претовар на патници, осум возачи возеле без лекарско уверение, тројца возачи немале положено возачки испит, две возила биле нерегистрирани и еден возач возел со неприспособена брзина. Во Кичево при контрола на 60 возила, 24 возила кои вршеле јавен превоз на патници биле испратени на дополнителен технички преглед во станиците, а таму било констатирано дека на едно возило имало неисправен уред за сопирање, една од главните причини која однесе во смрт 16 луѓе од автобусот на „Дурмо турс“ кој излета кај Ласкарци.

Во Штип минатиот месец биле контролирани 23 автобуси од кои кај осум била утврдена техничка неисправност, односно шест биле со неисправен уред за сопирање, а два автобуса имале неисправни други уреди. Во акциска контрола спроведена во Скопје, на технички преглед се испратени 49 автобуси и возила што вршат јавен превоз. Кај нив се констатирани 16 неправилности од кои кај осум возила бил неисправен уредот за кочење, кај два уредот за управување, а три имале неисправни светлосно-сигнални уреди.

Од полицијата велат дека тие постојано вршат контроли и поднесуваат прекршочни и мандатни патни налози и изготвуваат барања за поведување прекршочна постапка против физички и правни лица. Но, сепак, работите не се менуваат, па дури и „Дурмо турс“ си вози на истите линии, а трагедијата не ја разбуди самосвеста кај превозниците.

За контролата на јавниот превоз има неколку надлежни институции – Инспекторатот за транспорт, Министерството за внатрешни работи, но и сообраќајните инспекции во рамки на општините. Токму општините им издаваат лиценци на такси-комбињата, но сите работи на крајот завршуваат единствено со контролите на полицијата. Таа, пак, пишува казни и поведува прекршочни постапки, но не се знае колку од нив добиваат судска разрешница и колку од прекршоците се процесираат.

Од инспекторатот за транспорт, пак, велат дека тие ги контролираат превозниците дали имаат лиценци, изводи за лиценци, дозволи за превоз. Директорот Руфат Хусеини вели дека постојано прават контроли, согласно месечните и кварталните плани, но и вонредни контроли на барање на другите асоцијации. Најмногу прекршоци и неправилности имало во однос на работното време на шоферите кои возеле со часови без прекин, па затоа во тој дел ги интензивирале контролите. Таков беше случајот со возачот на цистерната полна со нафта која пред три дена се преврте на излез од Неготино. Негов колега тврдел дека возачот тргнал на пат на 15 април во седум часот наутро, доставувал горива на бензинските низ државата, а вечерта тргнал за Солун, односно бил без сон 34 часа.

Истрагата за несреќата со автобусот на „Дурмо турс“ е во тек и во овој период сè уште се повикуваат на распит сведоци за несреќата. Обвинителството побара, а судот го продолжи притворот и другите мерки за осомничените, сопственикот и управител на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, раководителот на компанијата, тројца вработени во станицата за технички преглед и возачот на автобусот. Досегашната истрага утврди дека возачот на автобусот, кој возел со 99 километри на час, кај селото Ласкарци изгубил контрола над управувачот, односно воланот. Сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, своите автобуси ги прегледувал во фирмата која е во негова сопственост, во станицата за технички преглед „Авто мото здружение“. Сепак, фирмите уште функционираат ,а два дена по несреќата „Дурмо турс“ добила и тендер за превоз на ученици.

Фросина Факова – Серафиновиќ