Нема целосен регистар на лифтови во земјава, а најголем проблем е квалитетот на одржување


Нема целосен регистар на лифтови во земјава. Според проценките од околу 12-13 илјади, регистрирани се 5 илјади лифтови. Редовното сервисирање и проверка е на високо ниво кај правните субјкети, додека кај станбените, иако подобрување во последните години, сепак е на пониско ниво. Што се однесува до безбедноста на лифтовите во сеизмички услови, иако кај нас прифатен е европскиот стандард ЕН 81-77, кој е задолжителен и треба да се применува, тоа не се прави, порача Горан Сековски од Македонското здружение на лифтови, по отворањето на дводневниот симпозиум „Безбедноста на лифтовите во сеизмички услови“, кој се одржува во Скопје.

Сековски, во изјава за МИА, вели дека во однос на безбедноста на лифтовите се е регулирано во нашите закони.

– Еден сопственик на лифт дали куќен совет, правно лице или др., мора да има активен договор за одржување, барем на една година, и мора еднаш годишно да прави периодичен технички преглед. Можам да кажам дека кај правните субјекти, како што се владини институции, фирми или хотели некаде 80 до 90 отсто тоа се почитува, и инспекцијата тоа го бара и го спроведува, наведува тој.

Во делот на станбените субјекти, пак, тоа е послабо, но во последно време, вели Сековски, сликата е многу подобрува откако управителите на куќните совети го почнаа тој процес на организација. Но, посочува тој, вкупно имаме 50 отсто од лифтовите кај кои не се прави редовен, а кај одреден процент од нив не се прави воопшто никаков технички преглед ниту се некогаш евидентирани во Државниот инспекторат.

-Задача на Инспекторатот е да ги евидентираат лифтовите, но тие можат да го направат тоа само ако е направен преглед и ако се информирани за тоа. Ние имаме околу 5 000 регистрирани лифтови, а сметаме дека има околу 12-13 000, за што чекаме потврда од последниот попис бидејќи беа опфатени со него, вели првиот човек на Македонското здружение за лифтови.

Што се однесува до одржувањето, Сековски подвлекува дека сликата е подобра, лифтовите се сервисираат, а има помал број каде луѓето сами нешто преземаат и поправаат, иако тоа не е според закон. Но, овдека, вели тој, најголемиот проблем е колку се фирмите кои ги сервисираат лифтовите добри бидејќи засега не подлежат на никакви критериуми.

-Ние се обидуваме да направиме еден правилник со минимални критериуми што треба да ги задоволат овие компании кои се занимаваат со монтажа, сервис и одржување, бидејќи засега нема никакви критериуми, вели Сековски. 

Што се однесува до безбедноста на лифтовите во сеизмички услови, што е и тема на дводневниот симпозиум кој денеска започна во Скопје во организација на Македонското здружение за лифтови во соработка со здруженијата од Хрватска и Бугарија, Сековски вели постои европски стандард ЕН 81-77 кој е прифатен кај нас, кој е задолжителен и треба да се применува, но вели, тоа не се прави.

Институтот за стандардизација на РСМ, кој е полноправна членка на Евроспкото тело за стандардизација, ја обезбедува рамката сите европски стандарди да бидат достапни како алатка на нашето стопанство од областа на лифторивите. Како што наведува директорот на Институтот Џевад Кицара, во земјава постојат над 31 илјада стандарди, а 300 директно се однесуваат само на лифтовите, од кои најголем дел се задолжителни за примена од страна на економските оператори. 

Ранко Чизмар, секретар на Хрватското здружение за лифтови, вели дека во Хрватска, но и во останатите земји од регионот, најголем проблем постои кај одржувањето на лифтовите. Постојат норми и прописи како се одржуваат лифтовит, меѓутоа, вели тој, поради ниската цена или сеуште недоволната едуцираност на луѓето кои се занимаваат со одржување како проблем го увидуваме нискиот квалитет на самото одржување на лифтовите.

-Потребно е малку повеќе да посветиме внимание на тоа како подобро да се сервисираат лифтовите, бидејќи како последица се случуваат несреќи или нефункционалност на лифтовите. Ќе се обидеме преку Агенцијата за акредитација да побараме луѓето кои се занимаваат со сервисирање редовно еднаш годишно да поминуваат едукација. Планираме предавања за коспоспствениците или станарите бидејќи состојбата сега е таква што луѓето сакаат да платат помалку, а во принцип сервисерот кој ќе дојде само формално да потпише дека направил преглед, и така сите се задоволни. Но се појавува проблем со сигурноста. Подобро е да се плати повеќе, да се прегледаат сите сигурносни компоненти за да бидеме сигурни во користењето на лифтовите, порачува Чизмар. 

На овој трет регионален симпозиум кој се одржува денеска и утре во Скопје, посветен на безбедноста на лифтовите, учествуваат претставници од 13 земји од регионот како и од Италија, Шведска и САД. Главна тема на настанот е „Безбедноста на лифтовите во сеизмички услови“, а поводот е 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. На мрежата од Здруженијата од Северна Македонија, Хрватска и од Бугарија, од годинава ќе им се придружи и Албанија.

Се смета дека до 2050 година две третини од светското население ќе биде сконцентрирано во градовите и ќе живее во облакодери