Нема активни пожари, дождот помогна да се изгаснат огновите


Фото: Б. Грданоски

Последните пожари на отворен простор се изгаснати, откако веќе неколку дена се намалија температурите на воздухот и почна да врне дожд. Според информациите на Центарот за управување со кризи, денеска нема активни пожари во земјава, а во последните 24 часа изгаснати се сите 11 пожари во општините Долнени, каде гореше нискостеблеста шума, во Липково, во Чашка, каде гореше мешана шума, како и во Македонски Брод, Тетово, Врапчиште, Кичево, Делчево и Виница.

Според информациите од Главниот штаб за управување со кризи, во земјава во јули имало вкупно 550 пожари. Минатиот месец Владата објави јавен повик за пријавување на кандидати за превенција од пожари, кои денеска ја почнуваат обуката.Во текот на обуката ќе се изврши селекција на најспособните, кои подоцна ќе имаат можност за вработување во единиците на противпожарната служба или во Дирекцијата за заштита и спасување.