Неколкумина повредени во три одделни сообраќајки


Фото: Б. Грданоски

Во последното деноноќие се случиле неколку сообраќајни незгоди, во кои учествувал мотор, при што повеќемина се здобиле со повреди. Кај Крани пак, прегазена е малолетничка.

Во петокот, во 14.20 часот, на улицата „Партизанска“ во Струга, патничко моторно возило „пасат“ со ресенски регистарски таблици, што го управувала Е.Х.(51) од ресенското село Крани, удрило во малолетничка од струшкото село Радолишта. Малолетничката е пренесена во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, каде и се констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршија јавен обвинител и полициски екипи.

Истиот ден, во 07.30 часот во СВР Струмица било пријавено дека на ул.„Климент Охридски“, на делницата од крстосницата со магистрален пат и бул.„Ленинова“ до крстосницата која води во Зона Север, се случила сообраќајна несреќа помеѓу трактор „имт-539“, управуван од В.А.(65) од с.Баница, струмичко, и мотоцикл „кимко“, управуван од К.М.(44) од Струмица. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Медицинскиот центар Струмица. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Струмица.

Во 13.40 часот во Полициската станица Гостивар било пријавено дека на ул.„ЈНА“ во Гостивар се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од З.Г.(62), и мотор „априлија“, управуван од О.Л.(20), двајцата од Гостивар. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на моторот а со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило, констатирани во Општата болница Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Гостивар.