Нефункционален аква парк, објекти и дотраена опрема утврдиле ревизорите во СЦ „Борис Трајковски“

Затворен аква парк, нефункционални објекти, дотраена опрема, немање услови за давање на дополнителни услуги, се само некои од наодите кои ги утврдиле државните ревизори во Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала „Борис Трајковски“ ДООЕЛ Скопје, за 2023 година.
Приоритетна дејност на ова друштво е да склучува договори за издавање под закуп на деловниот простор со кој располага и да остварува приход од закупнина.
Сепак, со ревизијата е утврдено дека друштвото во 2023 година остварило приходи од закупнини во вкупен износ од 10.901.000 денари, врз основа на 24 активни договори за издавање деловни објекти под закуп.
„Три од договорите, биле склучени во периодот од 2011 до 2013 година и се со важност од 10 до 15 години, согласно тогашната важечка законска регулатива, а другите договори се склучени врз основа на постојниот Закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Северна Македонија. Друштвото остварува приходи и од продажба на добра и услуги во вкупен износ од 48.812.000 денари и истите претставуваа 74% од вкупно остварените приходи од продажба во 2023 година. Овие приходи, во однос на 2022 година се намалени за 3%, додека во однос на 2021 година се зголемени за 33%. Во 2024 година, остварените приходи од продажба на добра и услуги изнесуваат 55.182.000 денари и се за 13% повисоки од приходите остварени во 2023 година“, наведено е во извештајот на ревизорите.
Резултатите од анализата покажуваат дека приходите од користење на пливачки базен, лизгалиште, мала сала, куглана, конгресна сала и пинг понг центар во последните три години во континуитет бележат пораст кој продолжува и во 2024 година, а аква паркот има тренд на пад на остварените приходи, а во 2024 година не работи и не остварува приходи.
„Со ревизијата е опфатено и работењето на Аква паркот, при што утврдено е дека во 2023 година, вкупниот остварен приход изнесувал 4.290 илјади денари, што е за 41% помалку од планираниот износ. Во 2024 година, Аква паркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи“, се додава во извештајот.
Ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот „соларен систем“ кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен.
„Друштвото за набавка на „соларниот систем‘‘ има исплатено 25.945.000 денари, а согласно трговските книги на друштвото, неговата сегашна вредност е 2.856.000 денари. Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение . Истовремено, во извештајот истакната е пропуштената можност на друштвото, за остварување приходи од стопанисување со паркингот, за кој друштвото има стекнато право на користење, но со години наназад не остварува приходи од издавање на паркингот“, се наведува во ревизорскиот извештај. (Мета)