Не сите банки прифатиле да даваат кредити за компаниите од унгарскиот заем


Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека банките не биле едногласни во прифаќањето на условите под кои ќе треба да ги одобруваат кредитите на компаниите од унгарскиот заем, односно дека има и такви за кои каматната стапка од 1,95 отсто е неприфатлива.

Премиерот Мицкоски изјави дека „речиси сите банки прифатија да ги пуштат во оптек парите од унгарскиот заем“, а со кои треба да се кредитираат македонските компании.

Одговарајќи на новинарски прашања во Охрид, Мицкоски посочи дека кредитите за компаниите ќе бидат до десет милиони евра и тоа за инвестиции. Минималното учество на инвеститорот е 20 проценти, од самиот проект. 

– Каматата ќе биде 1,95 проценти која што ќе ја добијат компаниите, нешто што претставува најниско во регионот и во Европа, до три години грејс период, до 15 години рок на отплата во зависност од барањата на кредитобарателот, има компании коишто сакаат помали рокови. Затоа го ставивме тоа да биде и флексибилно.Така што, сите оние коишто ќе инвестираат во основни средства за работа, во производни системи од обновлива енергија итн., ќе бидат дел од овој проект, изјави Мицкоски.

Прашан како ги коментира изјавите на претседателот на СДСМ, Венко Филипче за издавањето на кредитите за стопанството, Мицкоски со одговор дека  понекогаш се чуди на изјавите од опозицијата.

-Имам чувство како некој намерно да го мести. Тешко на  новоизбраниот претседател на СДСМ, бидејќи од сите комори, од стопанствениците, од компаниите стигаат навистина позитивни вести, воодушевување итн., и благодарности, само од него успеавме да слушнеме критика. Немам што да коментирам, вели Мицкоски.

Прашан за коментар на средбата меѓу претседателката Гордана Силјановска-Давкова и лидерот на СДСМ, Мицкоски вели дека ова треба да биде пракса, бидејќи и тој кога бил избран за лидер на ВМРО ДПМНЕ побарал средба со тогашниот претседателот Ѓорѓе Иванов и премиер Зоран Заев.

– Јас жалам што изминатите пет месеци новоизбраниот претседател на СДСМ не побара средба со лидерството на државата. Но, добро го оценувам и позитивно го оценувам чекорот да побара средба со претседателот на државата, професорката Гордана Силјановска-Давкова. Така што, ова треба да биде една пракса во иднина, рече Мицкоски.