„Не шетајте ме по ќерамиди“, гневно реагира Никола Пановски до Град Скопје

Град Скопје му одговори на прашањата на советникот Пановски (ЛДП) за грдите незавршени објекти во центарот на градот. Речиси за сите нив градската администрација се прогласува за ненадлежна


Одговорот на Град Скопје на моите прашања е „очекувано бирократски, не сме надлежни“, вели Никола Пановски

 

Грдите, недоправени и речиси опасни објекти во центарот на главниот град, беа тема на советничко прашање од страна на советникот во Град Скопје, Никола Пановски (ЛДП), кој се интересираше зошто овие објекти (некои и повеќе од 20 години), стојат изложени на забот на времето и за нив ништо не се презема.

На седницата на Советот на Град Скопје посветена на советнички прашања Пановски рече дека е свесен дека дел од нив не се во надлежност на градот, но логично му беше токму од Градот да се потегнат работите и објектите како „Кермес“ во Градскиот парк, Офицерскиот дом на плоштадот и неизградениот хотел во близина, галиите во Вардар, фасадите на зградите од ЕСМ и „Пелагонија“ повеќе да не го нагрдуваат градот, туку да станат репрезентативни.

По две недели Пановски написмено доби одговор на своите прашања од Градот, многу штур, во кој поенатата е дека за повеќето објекти се ненадлежни.

„Во врска со прашањето поврзано со објектот на ‘Кермес’ во Градски парк, ве известуваме дека истиот е во приватна сопственост и Град Скопје нема надлежност.

Фото: Б. Грданоски

Во врска со прашањето поврзано со галиите во река Вардар, ве известуваме:
– за галијата кај ‘Холидеј ин’, Град Скопје има правосилна судска пресуда и истата е во фаза на реализација со цел отстранување на галијата, во наредниот период одлуката ќе се дореализира;
– за галијата кај објектите на МЕПСО и ЕЛЕМ, Град Скопје води судска судска постапка, поведена од закупецот на галијата фирмата ‘Фаланга Херонеа’. По завршување на судската постапка ќе се дефинираат понатамошните постапки;
– за галијата кај ГТЦ, не се водат постапки и истата е во функција.

Во врска со прашањето поврзано со објектите на плоштадот ‘Македонија’, Офицерски дом и планираниот хотел, ЕСМ и ‘Пелагонија’, ве известуваме:
– објектот на Офицерскиоот дом и хотелот се во приватна сопственост , каде надлежен орган за следење на нивната изградба е Општина Центар:
– фасадата на објектот ЕСМ не е во надлежност на Град Скопе и за истата немаме информации;
– за фасадата на ‘Пелагонија’ Град Скопје има судски спор со фирмата ‘Д-р Пановски’ која побарува обештетување – надоместок за изгубена добивка и надомест на штета“, стои во одговорот до Пановски, кој „Независен весник“ го има на увид.

Пановски коментира дека одговорот на неговите прашања е „очекувано бирократски, не сме надлежни, без суштина“.

„Ако е надлежна Општина Центар – прашате ја! Не шетајте ме по ќерамиди“, вели Пановски.

„’Кермес’ бил приватен, но земјиштето во паркот не е приватно. Не смее во градот да стои грдотија со години. Или ќе се гради или ќе се ослободи просторот. Истото важи и за Офицерскиот дом. Има Закон според кој мора да се забрза објект во центар на градот во определен рок, инаку државата му го одзеа. За зградата на ЕВН не знаат и не им е гајле. А објектот на ‘Пелагонија’ е на ‘Д-р Пановски’ (фирма со која јас немам никаква врска, случајно е исто презимето). За галијата кај ‘Холидеј Ин’ не кажаа зошто и кој нареди прекин на отстранување, кое почна пред изборите, дојде некој анонимен газда ги избрка работниците и седум месеци стои така!“, коментира Пановски.

Ако еден советник во градскиот совет не може да добие одговор, новинарите исто, во повеќе наврати прашувале, а одговорот се губел во префрлање на одговорноста по принципот „на ти го – дај ми го“, се поставува прашањето како да се покренат работите.

Не може да има закони за тоа кој, што и како треба, а да нема надлежен за повикување на одговорност кога нема да се испочитува договореното. Ако и има надлежни за надзор, тогаш тоа треба да е ограничено и со временски рок, а не да ни се случува „Кермес“ да стои нечепнат, на забот на времето среде Градскиот парк, и да не се знае кој може да го отстрани или догради.