Не се уништува културата со реформи – се уништува со неодговорност




Комисијата за култура на СДСМ најостро реагира на секој обид за гасење, обезличување или институционално слабеење на „Вардар филм“ и „Струшките вечери на поезијата“ ,институции кои се дел од темелите на македонската културна меморија.



Ова не е реформа. Ова е продолжение на политиката на Зоран Љутков, кој како министер за култура и туризам остави зад себе институционален хаос, запоставување на културното наследство и системско слабеење на културниот сектор.



А сега, наместо да сноси одговорност за последиците од своето работење, Љутков добива нова функција како Национален координатор во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е јасен сигнал дека политиката што ја разнебитува културата не завршува ,туку продолжува од друга позиција.



„Вардар филм“ не е непотребен трошок. „Струшките вечери на поезијата“ не се партиски вишок. Тоа се институции создадени со децении работа, автори, уметници и културни работници.



Особено е недозволиво историското наследство на „Вардар филм“ да се претопува со Агенцијата за филм. Едната институција е носител на филмско наследство, продукциски и технички капацитети, а другата има регулаторна и програмска улога. Бришењето на таа разлика не е реформа тоа е институционално обезличување.



„Струшките вечери на поезијата“ не се само една манифестација во календарот на Министерството. Тие се еден од најпрепознатливите меѓународни брендови на македонската култура.



Во време кога македонскиот јазик, историја, култура и идентитет повторно се предмет на политички оспорувања, најмалку што смее да направи една македонска влада е сама да ги ослабува институциите што сведочат за нашето културно постоење.



Но, токму тоа го гледаме.



Љутков како министер ја започна политиката на разнебитување. Сега, како Национален координатор во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно треба да ја продолжи од друга позиција.



Комисијата за култура на СДСМ нема да молчи додека се бришат институции, се уништува културната меморија и се претставува уништувањето како реформа.



Нашата порака е јасна:



Македонската култура не е партиски плен.

„Вардар филм“ не е вишок.

„Струшките вечери на поезијата“ не се трошок.

А културното наследство не е имот на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ за да го гасат, претопуваат и обезличуваат како што ќе им текне.



Ќе се спротивставиме на секој обид за уништување на институционалниот континуитет на македонската култура.



Затоа што културата што еднаш ќе ја уништите не се враќа со нова функција, ново име или ново партиско соопштение“, се вели во реакцијата на Комисијата за култура на СДСМ .