„Не попуштаме ни милиметар. Ќе чекаме со генерации за уставните измени“: Мицкоски се откажа од ЕУ

Премиерот веќе не зборува дека додека е тој власт нема да има уставни измени. Туку дека тоа ќе им биде пренесено и на генерациите по него во ВМРО-ДПМНЕ


Христијан Мицкоски за време на обраќањето во Будимпешта на 30 март

 

Не зборува кондиционално, како што го оправдуваше претседателката. Туку тој навистина мисли на децении и генерации.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска излезе со најврд став досега во врска со уставните промени, велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се помести ни милиметар за уставените измени ако нема гаранции: „Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме тоа на оние што нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат, и оние што нив ќе ги следат“.

Зборувајќи во Гази Баба Мицкоски рече:

„Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не иде и дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бидува. А ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во каква било авантура сè додека нема јасен крај, како прво. И второ, сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Нема да се поместиме нити милиметар“.

Тој повторно зборуваше со епитетите за мекотелни политичари, што ги кажува во последно време. „Македонскиот идентитет нема простор повеќе да биде распродаван. Јас сум убеден дека по следните парламентарни избори овие мекотелни политичари, кои се дел од мекото ткиво на македонскиот идентитет, ќе заминат во историјата и никогаш повеќе нема да ни се повторат“, рече тој.

И уште еднаш го нападна СДСМ велејќи дека околу евроинтегративните процеси. „Тоа е исклучиво распродавање на македонскиот национален идентитет, удар врз ткивото, тоа се, би рекол, мекотелни политики. Тие се мекотелни политичари, тие се мекото ткиво на македонскиот идентитет и на тој начин ја загрозуваат целата онаа стратегија што ние како Влада ја градиме“, рече Мицкоски. 

Тој уште додаде дека следбенците на живковизмот во Бугарија денеска славеле што има вакви политичари во Македонија „кои сè уште се активни, како луѓето од опозицискиот СДСМ, кои мислат дека на овој начин ќе привлечат некакво внимание“.

На 29 март Мицкоски рече оти актуелната влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес.

„Ако треба, и ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера додека сум претседател на Влада по било која цена да влезам во таква авантура“, рече тој.

Вчера претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата со црногорскиот претседатекл Јаков Милатовиќ, рече „изјавата на премиерот беше во условна, во кондиционална форма ‘ако треба‘. Јас мислам дека ние, по Црна Гора, ако се споредуваме технички, дека сме длабоко навлезени во евроатлантскиот процес, низ реформска призма“.