Така Конески го бранеше јазикот | ОДГОВОРОТ НА ВЕЛИКАНОТ ДО НЕГАТОРИТЕ (7)
Не ни требаат тутори за јазикот пред кои ќе полагаме сметка
Барањето да се постави некаква бариера меѓу нашиот и српскиот јазик, барањето секаков српски збор да се изгонува од нашиот литературен јазик, а да се примаат само бугарски — не е ништо друго освен шовинизам од чиста проба
Како може да го обогатува својот речник еден литературен јазик? Јасно е дека пред сѐ тука иде предвид сето она што може да се искористи од речничкото богатство на народните говори. Но во народниот јазик ние нема да најдеме ниту далеку сѐ што ни треба за ознака на оние поими што литературниот јазик треба да ги изразува. Тогаш останува двоен пат: или ќе се заемаат потребните зборови од туѓите јазици што ги имаат, или пак тие наново ќе се коват во духот на дадениот јазик. И едниот и другиот пат е во основата природен и оправдан. Тука нема дури по принцип разлика ниту меѓу литературниот и народниот јазик — зашто и последниот се служи како со заемање така и со новотворење. Во бугарскиот литературен јазик се набројуваат денеска, како што тврдат, околу 2.000 руски збора, и тоа многу употребителни, исто како што во него наоѓаме и ред зборови наново создадени во духот на јазикот. И нашиот литературен јазик врви денеска по таков пат. Ние и оживотворуваме за нова употреба ред зборови, не дотолку познати, од нашите народни говори, и твориме наново (не преминувајќи во бесмислен пуризам), и заемаме. Ако се направи сметка од каде заемаме, оставајќи ги настрана општо познатите интернационални зборови, ние ќе кажеме дека заемаме во прв ред од понапреднатите славјански јазици: српскиот, бугарскиот и рускиот. Во својот реферат на II конгрес на Фронтот другарот Лазар Колишевски истакна, карактеризирајќн ги како пројава на неизживениот великобугаризам сите тврдења за наводната србизација на нашиот јазик, дека тој „мора да трпи влијание од сличните и соседните јазици, на прво место од српскохрватскиот и бугарскиот, не губејќи ги при тоа основните карактеристики на своето национално обележје…“
Ние не сме правиле досега сметка колку зборови сме зеле од српскиот, колку од бугарскиот, а колку од некој друг јазик. Уште е рано да се прават кај нас такви студии, зашто треба да помине извесно време додека наполно ќе улегне речникот на нашиот литературен јазик. Меѓутоа нам ни се чини дека можеме со сигурност да тврдиме оти за ова време од бугарскиот јазик не сме зеле помалку одошто од српскиот. Се разбира, дека е тоа наша внатрешна македонска работа што и како ќе заемаме во нашиот јазик, и во тој поглед не ни се нам потребни никакви тутори пред кои што ќе полагаме сметка, иако има ете и такви луѓе што од некаде си го припишуваат тоа право да се претставуваат по големи доброжелатели на нашиот јазик отколку што сме ние самите. Но ние го изнесуваме тоа, за да се покаже дека нивната безочност оди дотаму што претендираат да турат монопол на македонскиот јазик.
Меѓутоа, барањето да се постави некаква бариера меѓу нашиот и српскиот јазик, барањето секаков српски збор да се изгонува од нашиот литературен јазик, а да се примаат само бугарски — не е ништо друго освен шовинизам од чиста проба. До каде може да оди слепата задртост во оваа смисла, се гледа макар од оној пример што го споменавме погоре — како за србизацијата на нашиот јазик се посочувал зборот одбор. Самиот овој пример доста сведочи за тесната националистичка душица на самонаречените „интернационалисти“.
Пред сѐ зборот одбор го наоѓаме во ред славјански јазици, па и во македонскиот и бугарскиот (одбор дружина, одбор јунаци). Вистина, значењето е тука малку поинакво одошто во составот народен одбор (орган на народната власт). Но токму во значењето е и сета работа, и токму оттука може да се извлече добра поука за онега што сака да се поучи. Работата е таму што тоа ново значење зборот одбор го доби во Народно-ослободителната борба која се водеше во сета Југославија, кога и за прв пат се јави таа нова форма на народна власт. Се разбира, животот во Македонија не можеше да чека додека и во Бугарија се создаде нешто такво, па тогаш дури да го земат Македонците соодветниот збор од бугарскиот јазик. Зборот одбор денеска е влезен во сите југословенски јазици, и е еден од знаците во јазикот за она новото и општото што настанува во животот на југословенските народи, кои што со заеднички напори го строат социјализмот во својата земја. Од српскиот јазик е влезен кај нас на пример, како војнички термин, зборот покрет. Познато е дека е тоа, ако можеме така да се изразиме, „партизански“ збор, зашто беше усвоен од нашите партизани. Чудно ли е што тој збор проникнал кај нас имено од српскиот, а не од бугарскиот јазик, кога знаеме каде се водеше партизанска војна, и каква беше помошта што нашите партизани ја добиваа од српските. Во секој збор е одразен дел од животот. Кој што сака да ја забранува размената на зборови меѓу југословенските јазици, тој сака да ја забрани размената на животен опит меѓу југословенските народи, тој сака да ги раздели еден од друг, тој оди против нивното единство, тој е сеач на омраза. Никаква опасност нема кај нас дека јазикот ќе ни се посрбел, ако ние усвоиме во нашиот литературен јазик и некои српски зборови, како што никаква опасност нема дека нашиот јазик ќе се побугари, ако земеме во него и некои бугарски зборови. Се разбира, дека заемањето треба да се регулира, а не да се врши безразборно. Така насекаде се прави. Треба пред сѐ да го издигаме нашето, самобитното, па потоа и да земаме назаим.
Не е случајот прв пат кај нас, да се тврди во однос на нашиот литературен јазик дека тој се асимилирал. Познат е таков случај и од порано, во СССР, кога некои луѓе во Украина сакаа вештачки да постават преграда меѓу рускиот и украинскиот јазик, божем пред некаква опасност од русификација на украинскиот јазик. Таквите луѓе беа таму добро изобличени во 1933 година и го добија своето вистинско определение како антисоветски буржоазни националистчки елементи, што сакаа да создадат расцеп меѓу украинскиот и рускиот народ.
Никаква опасност нема кај нас дека јазикот ќе ни се посрбел, ако ние усвоиме во нашиот литературен јазик и некои српски зборови, како што никаква опасност нема дека нашиот јазик ќе се побугари, ако земеме во него и некои бугарски зборови
Нам ништо не нѐ чуди, кога од страна на разбиената великобугарска реакција се прават слични опити во однос на нашиот литературен јазик, се бие тревога како тој се посрбувал. Но толку почудно и поопасно е, кога на таква позиција застануваат и некои бугарски комунисти, ширејќи чисто националистички становишта во однос на македонски от јазик и на неговата наводна србизација. Сакаат нам да ни препорачаат да го правиме тоа што беше достојно да го прави еден Павелиќ, гледајќи да го раздели по секаков начин хрватскиот и српскиот јазик, но што не е достојно за комунисти.
На крајот од овој оддел треба да укажеме уште не еден битен факт. Кога се зборува веќе за тоа како нашиот јазик бил создаден по диктат од Белград, како тој се србизирал итн. — не треба да се заборави оти досега никој од раководителите на КПЈ не рекол дека во Македонија се зборувал српски дијалект. Напротив, секому му е позната огромната помош што ЦК КПЈ му ја укажа на македонскиот народ по патот на неговото национално ослободување. Од друга страна од раководителите на БРП(к), и сега посебно од Чанков, научуваме дека „повеќето Македонци зборуваат на бугарски јазик“. И во тоа си се наполно согласни со великобугарите.
Одејќи понатаму, треба да се запреме уште на третата „теза“ од Чанков, т.е. дека наместо „сегашниот официјален македонски јазик“ — „македонскиот народ сам по својата сопствена волја ќе оформи наполно свој конечен македонски јазик“. И така, нашиот современ литературен јазик, од Рацина, В. Марковски, К. Неделковски — па до денеска, со сета литература создадена на него, во „Работническо дело“ се претставува како нешто привремено, исто како што се претставува како нешто измислено. Останува допрва да се оформи некаков „конечен македонски јазик“. Се негира, значи, нашиот досегашен литературен и општо културен развиток, кој што е најтесно сврзан со една од најславните епохи во историјата на нашиот народ, со Народно-ослободителната борба, и се кажува дека тоа што ќе стане, допрва ќе стане. Како си го претставува Чанков тоа создавање на „конечниот“ литературен македонски јазик „по волјата“ на македонскиот народ?
Дали изразувањето на таа народна волја ќе стане со некакво гласоподавање, како кога се вршат избори за конституанта? Доколку ни е нам познато, досега никаде во светот не станувало такво нешто и ниеден литературен јазик не е оформен по тој начин. Доколку ни е нам познато, литературниот јазик се создава преку литературата, а литературата ја создаваат писателите, што значи дека тие го творат и литературниот јазик. Истото важи и за македонскиот литературен јазик. Македонската литература е една реалност и јазикот на таа литература е оној јазик што се вика македонски, а тоа значи дека ништо друго освен гола демагогија не можат да бидат зборовите како дури во иднината требало да се создава некаков „конечен“ македонски јазик „по волјата“ на народот. Како се замислува пак тој „конечен“ јазик, можеме да бидеме начисто ако ги сумираме двете познати премиси од статијата во „Работническо дело“: не е јазикот единствен и најважен елемент на нацијата (доказ: земете ги Швајцарците) + повеќето Македонци зборуваат на бугарски јазик = зошто им е тогаш на Македонците да оформуваат некаков свој литературен јазик, кога го имаат на расположение совршениот бугарски јазик: и нацијата им нација и јазикот им јазик. (Добро е на ова место да си спомнеме каков широк простор им откриваше на македонските писатели Јордан Бадев, викајќи ги да пишуваат на бугарски).
Ние порано си го запазивме правото да кажеме неколку збора за тоа доколку негирањето на нашиот литературен јазик не значи во истото време негирање на нашата нација. „Работническо дело“ би сакало да се прикрие зад тоа што има во светот различни нации што се служат со еден јазик: „Во Соединетите Амерички Држави каде што се говори на англиски јазик американскиот народ пак е одделна нација“. Тоа е така и тоа си има сигурно свои историски причини зошто во конкретниот случај да биде така. Но познато е дека е многу почесто, и речиси редовно, една нација да си има и свој одделен јазик. И тука сигурно си има за секој конкретен случај историски причини зошто да биде така. Па може ли сега тоа што имало примери на две нации со ист јазик, да се апсолутизира до некаков принцип, и да се применува насекаде на светов, во однос на која било нација, независно од конкретната историска стварност? Како ќе беше, на пример, ако Русите им речеа по Великата октомвриска револуција на Украинците и Белорусите: зошто ви се вам сега одделни јазици, кога го имате совршениот руски јазик, земете го просто него, и инаку јазикот не е единствен и најважен елемент на нацијата, ете ви го — ако не верувате — примерот на Американците и Англичаните. А токму тоа го прави во однос на македонскиот јазик Георги Чанков. Никакво псевдомарксистичко жонглирање не може да ја прикрие вистината дека тој удира по македонскиот јазик имено како по еден елемент на македонската нација, што значи просто и јасно дека тој удира против македонската нација како таква. Неговото личи, како да му речеш на некој човек: не ти е десната рака најважен дел на телото, и без неа можеш да живееш, да бидеш пак ти, дај да ти ја ампутираме. (Продолжува)
(Овој фељтон е пренесување на книгата-реакција на Блаже Конески – „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, издадена во декември 1948 година, како одговор на бугарските оспорувања на македонскиот литературен јазик)