Навивачите на Динамо Загреб имале соработници грчки навивачи
За синоќешниот инцидент меѓу навивачите на АЕК и Динамо Загреб во Атина во кој едно лице беше убиено, а осуммина се повредени, од грчката полиција преку соопштение појаснија дека групата од околу 100-120 навивачи на хрватскиот клуб, заедно со грчки навивачи- соработници стигнале во близина на стадионот на атинскиот тим, каде што биле поддржувачите на АЕК, јави дописничката на МИА од Атина.
Следеле инциденти меѓу навивачите на двата тима, со фрлање на пиротехнички материјали, импровизирани експлозивни механизми, предмети, камења, а биле користени и импровизирани палки.Веднаш пристигнала полиција која интервенирала за да се прекинат инцидентите и биле уапсени вкупно 98 лица. Од полицијата соопштија дека во тек е прелиминарна истрага, а интензивно продолжува истрагата за откривање на дополнителни сторители.
Инцидентите започнале час и половина откако гостинскиот тим го завршил тренингот и го напуштил стадионот
Натпреварот АЕК- Динамо Загреб е закажан за вечерва во рамките на квалификациите за Лигата на шампиони, а навивачите на хрватскиот тим пристигнале со автомобили во Атина и покрај забраната од УЕФА за присуство на поддржувачи на гостинскиот клуб.
Грчките медиуми пишуваат дека во синоќешните инциденти бил убиен 22-годишен навивач на АЕК, кој хрватските хулигани го избоделе со нож. Неофицијално, мнозинството од уапсените се хрватски државјани.
По сите овие грозоморни детали, било одлучено натпреварот да се одложи, откако УЕФА итно се сретнала со организаторите. Како што се наведува, претставниците на АЕК за се што се случило го обвиниле хрватскиот клуб и полицијата и потоа го напуштиле состанокот.
-Во овој момент сметаме дека е незамисливо и параноично да учествуваме на состанокот, на кој се присутни и претставниците на Динамо Загреб, додека жалиме за загубата на животот на нашиот навивач и за она што се случи вчера, се вели во краткото соопштение на АЕК.
Одложувањето се уште не е официјално потврдено од УЕФА.