Научници дигитално истражија мумија на древен фараон


 

Египетски научници дигитално ги анализираа останките на Аменхотеп I, откривајќи детали од неговиот живот , но и смртта на египетскиот фараон.

Мумијата откриена во 1881 година, на себе имала прекрасна маска за лице. Но, била толку кревка што стручњаците не се усудувале да ја допрат. Затоа мумијата на овој фараон останала единствена кралска египетска мумија пронајдена во 19 и 20 век, која археолозите досега не ја отворале.

Користејќи неинвазивен метод, со дигитална технологија, научниците сега успале да продрат во тајните на оваа мумија и ја проучиле нејзината содржина.

„Со дигитално одмотување на мумијата и отстранување на нејзините виртуелни слоеви – маската за лице, завоите и самата мумија – можевме да ги проучиме неверојатните детали на останките на овој фараон“, вели радилогот Сахар Салим од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Каиро.

Бил висок 169 сантиметри

Салим и нејзините колеги утврдиле дека Аменхотеп I, починал кога имал околу 35 години и дека бил висок 169 сантиметри. Бил обрежан и имал здрави заби. Во завоите откриени се околу 30 амајлии и златен појас.

Фараонот, исто така, имал тесна брада, мал тесен нос, виткана коса и благо истакнати горни заби. Анализата на неговите остатоци не открила некои здравствени проблеми кои можеле да доведат до негова смрт, пишува Си-ен-ен.

Аменхотеп I владеел со Египет околу 21 година, меѓу 1525 и 1504 година пред нашата ера. Бил втор крал од 18-тата династија и во текот на своето владеење изградил многу храмови.

Древните свештеници ги поправале оштетувањата на мумијата

Стручњаците исто така, откриле дека мумијата во еден момент била многу оштетена, за што веројатно биле виновни древните ограбувачи на гробници.

Според хиероглифските текстови, свештениците и балзаматорите на 21 династија се обиделе да ги поправат тие оштетувања повеќе од четири века откако фараонот бил мумифициран.

„Гледаме дека, барем во случајот на Аменхотеп I, свештениците од 21 династија со љубов ги поправале оштетувањата кои ги нанеле ограбувачите на гробници, го вратиле претходниот сјај на мумијата и го оставиле на место величествениот накит и амајлиите“, вели Салим.