НАТО полни 70 години


Северноатлантскиот  пакт (НАТО) утре прославува 70 години од своето основање, во услови кога е соочен со многу глобални предизвици, но и внатрешни тензии и несогласувања.

Договорот за создавањето на Северноатлантскиот пакт бил потпишан на 4 април 1949 година во Вашингтон, но „роденденот“, покрај во американскиот главен град ќе се прославува и во Лондон, каде што била првото седиште на НАТО, кое подоцна, во 1952 година, било префрлено во Париз, а потоа во 1962 во Брисел, каде што се наоѓа и денес.

Од 1949 година до денес, светот помина низ суштински, политички и социјални промени, а со економскиот и технолошки развој дојде и подемот на Интернет и на новите медиуми. Сега кога НАТО прославува 70 години од формирањето, многумина не се сигурни дали за една воена алијанса тоа е почеток на зрела доба или време за пензија.

Американската амбасадорка во НАТО, Кеј Бејли Хатчинсон, оцени дека 70 години е навистина долг период, „мошне долг кога се работи за една воена алијанса“. – НАТО е најдолговечниот воен сојуз во историјата, истакна таа.

Либералните кругови, екстремните левичари и таканаречените „унилатералци и нови изолационисти“ од Европа бараат укинување на Алијансата и големо помирување со Русија.

По крајот на Втората светска војна, НАТО било создадено како противтежа на глобалното ширење на комунистичката идеологија и како средство за ограничување на воената моќ на тогашниот Советски Сојуз. Како одговор на формирањето на НАТО, поранешниот Советски Сојуз и земјите од источноевропскиот социјалистички блок, кои беа под контрола на Москва, во 1955 година создадоа воен сојуз наречен Варшавски пакт.

Со падот на Железната завеса и колапсот на комунизмот во Источна Европа во 1991 година, пропадна и Варшавскиот пакт. Но, иако причините за основањето на Алијансата не постојат речиси три децении, НАТО се уште постои.

По крајот на Студената војна, кога Русија во 90-те години на минатиот век и првата деценија на 21-от повеќе не претставуваше воена закана за западните земји, проширувањето на Алијансата, покрај она на Европската Унија, стана ново орудие на Западот за ширење на своите политички, воени и економски институции во Источна Европа.

Терористичките напади во САД на 9 септември 2001 година, променија многу нешта. Тогаш имаше обиди НАТО да се трансформира во „наднационална алијанса“ како главен мотор во „војната против теророт“ на тогашниот американски претседател Џорџ Буш Помладиот и за остварување други општо дефинирани цели, но таквиот обид сепак пропадна.

Според бриселските технократи и „јастребите“ во Вашингтон, Лондон и Варшава, но и според престолнините на балтичките земји и на Балканот, НАТО денес стои цврсто на земја со темелни вредности и причини за постоење.

За нив, 70-годишнината е историски датум, што ја бетонира решителноста за спротивставувањето на обновената руска агресивна политика, манифестирана во ликот на „најголемиот непријател и поткопувач на северноатлантското  единство“, претседателот на Русија, Владимир Путин. Но, тука се и Кина и Иран, кои стојат рамо до рамо со Кремљ.

Во Вашингтон неделава нема само да се одбележува годишнината, туку и ќе се дискутира и за постојните предизвици, како новите модалитети на спротивставување на руската хибридна војна против Западот, кинеските кибер напади, иранскиот фактор за дестабилизација на Блискиот Исток, како и за денуклеаризацијата на Северна Кореја.

Финансирањето на Алијансата, за што американскиот претседател Доналд Трамп беше критичен обвинувајќи ги другите членки дека не одвојуваат доволно средства за одбраната и дека најголем дел од товарот го оставаат на САД, е уште еден голем предизвик.

Оттука, набљудувачите внимателно ќе следат како на оваа годишнина Алијансата ќе ги надмине внатрешните несогласувања. Трамп, кој вчера во Белата куќа го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, беше јасен околу неговите ставови за време на претседателската кампања во 2016 година, кога рече дека Алијансата е „застарена“. Според него, во НАТО недостига фокус на тероризмот, додека САД преземаат преголем дел од трошоците.

Според правилата на НАТО, земјите членки треба годишно да издвојуваат најмалку два отсто од својот бруто домашен производ за потребите на одбраната. Но, само седум од 29 земји членки го постигнаа тоа ниво во 2018 година. Некои експерти сметаат дека примената на правилото на два проценти е многу важно.