Во белешките од 3 февруари 1953 Поповиќ ја разгледува можноста НАТО да влезе во војната на страната на Југославија во случај на советски напад. „Убедени сме дека тие ќе мораат од свои, т.е. заеднички интереси. Друго прашање е дали ќе го сторат тоа веднаш и со сите сили“, пишува Поповиќ

 

„Само кога Жданов виде од прва рака дека отпорот на Германците е многу посилен отколку што претпоставуваше, се согласи дека и нашите единици треба да учествуваат во борбата“, напиша Коча Поповиќ во 1948 година, кога односите на Југославија со СССР беа исклучително затегнати. Во неколку продолженија ќе пренесем избор од пишаното наследство на овој голем интелектуалец и партизански генерал, кое е дел од Легатот на Коча Поповиќ и Лепосава Перовиќ, чувано во Историскиот архив на Град Белград, и се однесува на настани како што е крајот од Втората светска војна, судирот со СССР и смената на српските либерали. Автор на овој текст е познатиот хрватски историчар Тихомир Понош, а е објавен во хрватскиот магазин „Новости“.

 

* * * * *

Десет дена по потпишувањето на Белградската декларација за нормализирање на односите меѓу СССР и Југославија, Коча Поповиќ забележа „резиме на резултатите од преговорите со Русите“. Тој ја оцени состојбата на советското раководство на следниов начин: „Ова е она што остана живо – физички, од старата, револуционерна генерација, прилично просечна, деформирана од ненормален живот“.

Коча Поповиќ стана министер за надворешни работи во 1953 година. Следните години беа бурни во надворешната политика и важни за Југославија. Во следните неколку години, Југославија ги изглади своите односи со Советскиот Сојуз, ја дефинираше нејзината надворешна политика, што на крајот ќе се претвори во доктрина за неврзаност, односно политика на еден трет пат помеѓу двата блока. Во 1950-тите години, терминот „неврзани“ сѐ уште не беше избрусен. Самиот Поповиќ пишуваше за „неангажирани“ земји, но од некои негови написи може да се заклучи дека овој термин, исто како и „неутралноста“, не го задоволува, дека тие не опишуваат она за што Југославија трагаше во својата надворешна политика и позиционирање во светот.

Пред да се дефинира надворешно-политичката позиција, требало некако од дневен ред да се симнат постојаните советски закани за Југославија. Од раскинот меѓу Тито и Сталин долж југословенската граница со земјите од советскиот лагер, беа евидентирани илјадници вооружени инциденти. Земјата беше во постојан страв од можен советски напад. Во своите белешки од 3 февруари 1953 година (еден месец и два дена пред смртта на Сталин), Коча разработува „теза за ‘С’“ (веројатно за Стариот или Тито) и како дел од ова ја разгледува геополитичката и геостратешката ситуација, вклучувајќи ја и можноста за „изолиран напад на Југославија“. Сосема е јасно дека единствената земја што се смета за изолиран напаѓач е Советскиот Сојуз, и јасно е дека западните земји, поточно тогаш постојниот НАТО, се третираат како оние што би можеле да помогнат во тој случај. За Поповиќ, „изолиран напад врз Југославија“ е знак дека „Русите се подготвени за општ конфликт“. Таквиот напад би ги зафатил „сите мирољубиви земји, пред сѐ соседите“.

Поповиќ ја разгледува можноста НАТО да влезе во војната на страната на Југославија во случај на советски напад врз ФНРЈ. „Убедени сме дека тие ќе мораат од свои, т.е. заеднички интереси. Друго прашање е дали ќе го сторат тоа веднаш и со сите сили“, пишува Поповиќ. Тој отиде дотаму што сугерираше во главата и на хартија, во „тези за ‘С’“, дека Југославија ќе се распореди поинаку воено и ќе ги користи своите сили доколку војува „во рамките на останатите, а поинаку ако сме сами. Никој тогаш нема да може да ни каже дека во нашата работа ќе се грижиме за нашите непосредни интереси (што се однесува на љубљанскиот и скопскиот правец). Вие проценете што најмногу ви одговара“.

Не е наведено за што се напишани тезите, но ако навистина се напишани за Тито, најверојатно се направени за неговата официјална посета на Велика Британија во март 1953 година. „Ќе се каже; не може АП (Атлантскиот пакт) да војува за Југославија. Зошто? Само затоа што не е во АП? Но не се работи само за интересите на Југославија, туку за општите, како што би било, на пример, во случај на напад врз Грција“, заклучил Поповиќ.

Во говорот на аеродромот во Белград веднаш по пристигнувањето Никита Хрушчов рече дека Лаврентиј Берија и Виктор Абакумов биле виновни за конфликтот помеѓу Југославија и СССР во 1948 година

Не помина долго а Сталин умре. Поповиќ стана државен секретар за надворешни работи и јасно ја артикулира својата (и не само неговата) антиблоковска политика. На ден без датум, најверојатно на 12 март 1955 година, тој напиша на блокот на ДСНР: „Југославија сѐ уште е против блоковите и сега овој став сакаат да го припишат како одбивен за СССР“. Истокот и понатаму, иако Сталин беше мртов две години, се сметаше за можен извор на закана, бидејќи „се покажува она што го тврдевме дека и без врска со НАТО, Југославија му служи на ‘фронтот на мирољубивите земји’, односно за одбрана од евентуална агресија од Исток“. Поповиќ заклучува дека неутралноста не значи невооруженост и ги наведува примерите на Шведска и Швајцарија.

Коча Поповиќ веруваше дека Хрушчов се обидува да забие клин помеѓу Југославија и западните земји со кои таа воспостави многу добри односи. Тој не беше задоволен што доаѓањето на советската делегација на чело со Хрушчов во Белград се смета за „руски успех“, а не југословенски

Два месеци подоцна дојде до пресврт во односите меѓу СССР и Југославија. Централниот комитет на КПСС предложи нормализација на односите кон средината на 1954 година и призна дека во Југославија постои социјализам, а негирањето на социјализмот во Југославија беше основното обвинување од 1948 година. На 26 мај 1955 година, советската делегација предводена од Никита Хрушчов пристигна во Белград. Уште пред средбата Тито-Хрушчов на аеродромот во Белград, таа средба беше голема и важна тема во светските медиуми. Требаше да биде голем триумф за Тито и југословенските комунисти, но пред состанокот имаше одредени стравови поради пишувањето на западниот печат. Во скицата на дописот за американските дипломати од 20 мај, Поповиќ се осврна на пишувањето на западниот печат за идната средба Тито-Хрушчов. „Во целина, печатот веќе го претвора самиот факт од разговорот во руски успех! Но, што е тоа? Руски успех! Силата на Западот ги принуди Русите да постигнат успех!“ Поповиќ смета дека ова величење на советскиот успех е „обид за слабеење на нашите позиции во разговорите. Западот ѝ помага на Русија да ја компромитира Југославија“.

За советското тврдење, тогаш официјално, дека Лаврентиј Берија е виновникот за конфликтот меѓу Југославија и СССР, Коча напиша: „Околу раскинот во 1948 година – за Хрушчов главниот виновник е Берија. Објаснувањето не е убедливо за нас, а малку може да биде и за кого било“.

На денот на пристигнувањето на советската делегација, 26 мај, Поповиќ забележа „груби тези“, очигледно за разговорите што следуваа следните денови и во кои тој исто така учествуваше. Тезите се напишани по говорот на Хрушчов, а Поповиќ се осврна и на нив. Југословенскиот државен секретар за надворешни работи наведе одговори на можните руски ставови. За него, целосно е неспорно она што се случуваше од 1948 година – „тоа беше војна што требаше да нѐ уништи. Тука не помагаат фразите за традиционалното братство, кои инаку се веќе напнати. Ние бевме фатени за грло. Фрлени во големи тешкотии“. Поповиќ не е непомирлив затоа што „не е дека нема да поминеме преку минатото. Но тоа е уште овде“. Тој, исто така, се осврна на советското тврдење, тогаш официјално, дека Лаврентиј Берија е виновен за конфликтот помеѓу Југославија и СССР. Тој, како и Виктор Абакумов, беше директно обвинет од Хрушчов во говорот на аеродромот во Белград за настаните во 1948 година. „Темелно ги проучувавме материјалите врз кои се темелеа сериозните обвинувања и навреди упатени против лидерите на Југославија во тоа време. Фактите покажуваат дека овие материјали се исфабрикувани од непријателите на народот, презрените агенти на империјализмот, кои со измама се инфилтрираа во редовите на нашата партија“, ги опиша Хрушчов постапките на Берија, Абакумов и другите. Поповиќ напиша дека „дозволуваме дека Берија е виновен, иако не сме во можност да провериме“.

Два дена подоцна, по разговорите меѓу делегациите, Поповиќ се врати на темата за Берија и неговите одговорности: „За раскинот во 1948 година – главен виновник за Хрушчов е Берија“. Поповиќ беше незадоволен од изјавата на Хрушчов на аеродромот, иако Хрушчов рече дека владата на СССР ги заснова своите односи со другите земји врз принципите на мирна коегзистенција, еднаквост, немешање, почитување на суверенитетот и национална независност, ненапаѓање и признавање на неприфатливоста на посегнувањето на една држава врз територијалниот интегритет на други држави.

Коча Поповиќ како министер за надворешни работи во Обединетите нации, заедно со југословенскиот претставник во светската организација Јоже Брилеј

 

Коча веруваше дека Хрушчов се обидува да забие клин помеѓу Југославија и западните земји со кои таа воспостави многу добри односи. Имено, „најсилните врски се формираат меѓу народите во оние земји каде што водечката сила е претставена од партии кои ги засноваат сите нивни активности врз основа на учењата на марксизмот-ленинизмот“, рече Хрушчов и најверојатно токму тој дел му пречеше на Поповиќ. „Тоа не е добар начин стекнување доверба. Тоа непотребно фрла сомнеж врз пријателството на земјите на Запад, во однос на нашата искреност и решеност да останеме независни“, пишува Поповиќ. Тој сето тоа го сметаше за лоша пропаганда и „добрата пропаганда без соодветна политика брзо ќе се испука, така што нејзините резултати како пропаганда се слаби“. Имаше многу подобро мислење за југословенската отколку за советската пропаганда. „И не е претенциозно да се каже, и покрај ограничувањата на нашите пропагандни средства, нашата политика создава насекаде широки симпатии“.

Поповиќ кратко ја коментираше и средбата меѓу Тито, Хрушчов и делегацијата на 27 мај. Забележува дека Хрушчов рекол дека „не ни беше лесно да дојдеме, вам вие е потешко да дојдете во СССР отколку нам во Белград“. Тој зборуваше за цврст курс во колективното лидерство, слободно изразување на мислата и кажа нешто од што може да се заклучи дека Советите ѝ завидуваа на Југославија во односите со западните земји – „и ние сакаме да тргуваме со Американците“. Тоа беше период на добри и интензивни американско-југословенски односи, а Југославија доби значителна американска економска и воена помош. Следниот ден Поповиќ нешто повнимателно се осврнува на разговорот. Недоверлив по природа, дури и песимист, тој напиша: „Се плашам дека согласноста постигната вчера не е само површна. Односно, јас сум  убеден дека е така“. Во она што директно се однесуваше на двете земји и нивните односи, договорот не беше површен, туку беше во други работи, дури и во конкретни меѓународни прашања. За Југославија беше клучно да го задржи правото на независен развој, а не само за себе. Разликите беа длабоки, се чувствуваа и во терминологијата. „Вие велите ‘табор на мирот’, ние велиме ‘слободен свет’. Од сето ова, накратко, јасно е дека немаме намера да се вратиме во ‘таборот на мирот’, бидејќи, како таков, го сметаме за штетен“, забележува Поповиќ.

„Според најновите вести, настаните во Унгарија одат кон десно. Доколку тоа се потврди, Русите ќе бидат принудени да интервенираат. Затоа сега фокусот на нашата позиција треба да биде против мешање на Западот“, пишува во депешата на Поповиќ до Јоже Брилеј во ОН.  (Продолжува)