Од белешките на Коча Поповиќ | ШТО ПИШУВАШЕ ГЕНЕРАЛОТ (5)

Како Тито ги скрши српските либерали

По клучниот состанок Коча Поповиќ им телефонирал на Латинка Перовиќ и Марко Никезиќ и ги прашал „што чекате“, мислејќи на оставки. Од функцијата во Претседателството на СФРЈ му поднесе оставка на Тито во Белиот дворец. На излегување ги сретнал Перовиќ и Никезиќ, кои исто така оделе кај Тито да си дадат оставки

Тихомир Понош

Тито ги скрши српските либерали на четиридневниот состанок во 1972. Зборуваа многумина, но Коча Поповиќ одлучи да молчи. Од неговите белешки се гледа зошто. Тој му поднесе оставка на Тито од Претседателството на СФРЈ неколку дена подоцна

Во есента 1972 година, Тито одлучи политички да ги елиминира српските либерали, односно либералното раководство на чело со Централниот комитет на СК на Србија. Новата политика, која започна со нивното назначување во 1969 година, ја отелотворија претседателот на ЦК на СКС, Марко Никезиќ и Латинка Перовиќ, која беше секретарка на ЦК на СКС. На старите кадри, партиски конзервативни кругови, ова раководство почна да им пречи до тој степен што требаше да се отстрани.

Ситуацијата во врвот на партијата во Србија беше споредлива со ситуацијата во врвот на партијата во Хрватска во 1971 година – партиските лидери беа длабоко поделени и скарани, со таа разлика што либералното раководство во Србија немаше масовно движење зад себе. Коча Поповиќ го поддржуваше либералното раководство, тивко, дискретно, но не се мешаше во дневната политика на раководството на српската партија. Тогаш беше член на Претседателството на СФРЈ (што беше повеќе церемонијална отколку оперативна и вистинска должност).

По состанокот Поповиќ им телефонирал на Латинка Перовиќ и Марко Никезиќ и ги прашал „што чекате“, мислејќи на оставки. Од функцијата во Претседателството на СФРЈ му поднесе оставка, најверојатно на 18 октомври 1972 година, на Тито во Белиот дворец. Остатокот од животот го помина во пензија

Тито ги скрши либералите на четиридневен состанок на политичките активисти во Србија. На состанокот учествуваа членовите на Претседателството на СКЈ од Србија, членовите на Претседателството на СФРЈ од Србија, членовите на Советот на Федерацијата, исто така од Србија, членовите на Секретаријатот на ЦК СКС и покраинските комитети за Војводина и Косово, Градскиот комитет на Белград, и други српски водачи.

На средбата присуствуваа 82 политичари, меѓу кои и Коча Поповиќ. Од нив зборуваа 52, 32 во корист на либералите, 19 против, а неутрален беше градоначалникот на Белград Бранко Пешиќ. Победи страната на која беше Тито, а не побројната. Многумина не зборуваа, а речиси сите забележаа дека Коча Поповиќ не зборува. Многумина се прашуваа зошто не зборуваше, зошто не застана во одбрана на оние што ги симпатизираше и ги поддржуваше. Одговорот на тоа прашање лежи во неговата оставнина. Ден пред средбата, на 8 октомври 1972 година, Поповиќ напишал малку подетална анализа на ситуацијата, неговите размислувања за состојбата на системот, а од неговите белешки, пишувани најмалку два пати во ист ден, се заклучува дека тој е целосно резигниран, свесен дека, што и да се каже, ништо не може да се смени затоа што системот е целосно закочен, а закочен е, иако не го формулира така, поради слепото и безусловно идолопоклонство кон Тито.

Марко Никезиќ беше претседател на ЦК на Сојузот на комунистите на Србија, а Латинка Перовиќ секретар на ЦК СКС. Тие се залагаа за реформи во партијата на државата, но беа брутално сменети од Тито со поддршка на конзервативното крило

„Што ја прави ситуацијата посебна овде? Поминавме низ различни периоди, во кои опасностите (страдањата) беа (нечитливо, веројатно „поголеми“). Ја имавме 48, 50-тите години, 66, 71. 66-та, на пр. опасноста од „силите над општеството“ (со ова тој се реферираше на политичката елиминација на Александар Ранковиќ, човекот кој го контролираше апаратот на тајната полиција и безбедноста, а за тој процес Поповиќ едвај нешто да забележа). За него е прашањето „дали сите заедно навреме ги забележавме вистинските проблеми, односно дали бевме способни за објективни проценки и заклучоци, со кои требаше да се избегнат, да се спречат кризни ситуации (последователни)“.

Поповиќ го интересира и „ако не сме, зошто не сме“, односно зошто се реагира само кога кризата е на прагот или веќе поминала. Сето ова е последица на недоволната способност, потоа навременото сумирање и предвидување и програмирање и затоа, дури и кога ќе се случи, мора (реагирањето) да биде „лошо “. Следното прашање што си го поставува Поповиќ е „дали ги најдовме вистинските причини за овие неуспеси и „несреќи“. Проблемот не е моќта затоа што „никогаш не било проблем дали сме имале доволно моќ. Но, на што и како да се употребува. Тоа значи со колкава доследност – одлучност, но и интелигенција, способност-оценување-предвидување = државност“. Последица на сето ова е впечатокот „дека периодично се луламе помеѓу: повеќе демократија, повеќе цврста рака. Само по себе, ниту едното ниту другото не решава. Тоа прашање е секогаш: какво едно, какво друго“.

На големата прослава по повод 30-годишнината од битката кај Сутјеска, битката која беше моментот на неговата најголема воена слава, но и поради која му беше приговарано, Коча не беше ни поканет – дојде со својот автомобил и спиеше во шатор, меѓу поранешните војници

Во продолжение Коча пишува за единството на мислењето и како се доаѓа до тоа, а со тоа дефинитивно му се приближува на Тито, односно до критиките за Тито како некој и нешто неспорно. Единството на мислење е последица на односот на силите, а ако е така, „тогаш нема простор за аргументи и нивната валидност. Ако некој однапред се стави во позиција дека треба да се правда и да се брани, без можност да ја апострофира и одговорноста на оние кои тврдат или се во позиција да пресудуваат, т.е. ако ‘една страна е неприкосновена напред и назад, тогаш нема можност за вистински  дијалог за заедничките проблеми и кризи“. Не е тешко да се заклучи која страна е „напред и назад неприкосновена“ и кој е на таа страна. Иако експлицитно не го споменува, јасно е дека се работи за Тито, а јасно е дека Тито и неговиот став ја прават бесмислена секоја дебата, бидејќи зошто да се расправа ако сѐ е однапред (и наназад) е одредено. Меѓутоа, другата страна не може да биде распрашувана. „Замислете како би било да можете да ги истражите неуспесите на ‘другата страна’ (но рамнотежата на силите =  не го дозволува тоа. Веднаш се свртува работата на уважување!) Какво уважување се бара? Врз што е зансовано?“

Не недостига горчина во белешките на Коча. Тој тврди дека бил еден од оние кои мислеле дека вратата треба да се отвори за подинамичните и поспособните. „Се однесував соодветно. Сега и тоа изгледа е под удар“. Тој беше свесен за слабоста на својата позиција, но и за неговата политичка иднина: „Па, во најмала рака не можеме сите кои сме биле на власт да останеме во неа“. Се наѕира и што ќе направи по состанокот: „Нема да се откажам од мојата основна, животна заложба… Не бев и нема да бидам пречка“. Тој поднесе оставка неколку дена по завршувањето на состанокот. Тој се осврна и на тврдењето на Тито дека нема неединство во базата, туку тоа се појавува „и постојано повторно избива на врвот“. Го спомена тоа неединство „во врвовите “ во ’63-та, кога Ранковиќ го обвини дека води паралелна политика (тогаш како државен секретар за надворешни работи), па Ранковиќ во ’66-та заврши како што заврши. Ја спомена и ’71. во Хрватска, кон која беше критичен и тврдеше дека тоа не е само внатрехрватска работа, па хрватското раководство заврши како што заврши.

Потоа следуваат најтешките реченици на Поповиќ, реченици кои откриваат човек без вера дека системот, кој очигледно зариба, може сам да се поправи. „И кога ќе згрешиме после избегнуваме да видиме што и  зошто всушност се случило бидејќи повторно би се покажала големината на нашата неодговорност“. И потоа: „Но јас знам дека ваквото пледоаје е залудно (темите кои не можат и не смеат да се покренат). Ако продолжиме вака, по што ќе се разликуваме од ‘лагерските’ партии (мислам во внатрешната политика). Се разбира, не станува збор да се прави разлика по секоја цена. Но, ние верувавме дека тоа е ‘нашето поинакво’ од гледиштето на перспективата на социјализмот“.

На Коча очигледно му пречела беспоговорната послушност спрема Тито која стана општојугословенски феномен. Подоцна тој ден кусо забележа: „Непослушност? А кон што? И што ја сочинува? – воопшто, каков е тој поим да слушаш за возрасни луѓе, дури и во поодминати години, а кои од младоста учествуваат во револуцијата. Ќе се каже: не се работи за тоа, туку за должност, но тогаш ајде да зборуваме за тоа, не за ‘послушност’ што секогаш подразбира подреденост на 1-то лице (обврската според 1-та политика не е и не може да се нарекува ‘послушност’)“.

На средбата на 9 и 10 октомври Коча забележувал кој што зборува и кога почнува да зборува. Пишуваше, како и обично, во блок со мал формат, од десната страна, а од левата црташе и напиша неколку реченици на француски.

Коча Поповиќ почина во октомври 1992 на 84 години. Кон крајот на осумдесетите тој рече дека Слободан Милошевиќ е стаорец „поради кој ќе бидеме во крв до колена“

 

За послушноста спрема Тито пишуваше и новинарот Славољуб Ѓукиќ во книгата „Сломот на српските либерали“ објавена во 1990 година. Во врска со четиридневниот состанок тој заклучи дека највпечатлив бил односот кон Тито. „Со децении сме сведоци на негување култови и создавање општа понизност. Но, дури кога ќе дојдат вакви состаноци, на кои е ‘прашањето на главата’, може да се видат шокантните последици од авторитарното владеење во вистинско светло. Немаше ниту еден говорник кој не се повика на на Тито и кој не даде до знаење дека тој е за Тито, со тоа што порано тоа можеше да се свари, додека во повеќето случаи говорниците толку многу се трудеа да ја покажат својата бескрајна лојалност кон Тито што се чини дека свесно се понижуваа“, пишува Ѓукиќ.

По состанокот Коча им телефонирал на Латинка Перовиќ и Марко Никезиќ и ги прашал „што чекате“, мислејќи на оставки. Од функцијата во Претседателството на СФРЈ му поднесе оставка на Тито, најверојатно на 18 октомври 1972 година, во Белиот дворец. На излегување ги сретнал Перовиќ и Никезиќ, кои исто така оделе кај Тито да си дадат оставки. За оставката на Поповиќ јавноста беше информирана на 4 ноември со кратка вест на Танјуг.

Ѓукиќ разговараше со Никезиќ за причините за молкот на Коча. Поранешниот шеф на партијата во Србија му рекол: „Прво, не знаев ни кој ни што ќе зборува. Знаев што мисли Коча. Тој беше песимистичен, а и во основа е песимистичен човек: веројатно затоа што видовме дека политиката на Тито остана на модификувана болшевичка линија… Не ми сметаше што Коча не зборуваше на четиридневниот состанок. Тој сфати дека сите тие приказни, повеќе или помалку еластични, ништо не значат. Коча е човек од потег. Неговиот потег е неговата оставка во исто време со нашата“.

Поповиќ остатокот од животот го помина во пензија. Во 1973 година, со голема прослава беше одбележана 30-годишнината од битката кај Сутјеска, битката која беше моментот на неговата најголема воена слава (неговата Прва пролетерска дивизија го проби обрачот) и нешто за што тој нему периодично, но постојано му се приговараше (обрачот го проби самоиницијативно сфаќајќи ја тежината на положбата на партизанските единици). Тој не бил ниту поканет на таа прослава, отиде таму со својот автомобил, а на Сутјеска спиеше во шатор, меѓу своите поранешни војници. Кон крајот на својот живот, кон крајот на осумдесетите, тој кажа што мисли за Слободан Милошевиќ и неговата политика. Заклучи дека Милошевиќ е стаорец „поради кој ќе бидеме во крв до колена“. (Крај)