Наташа Крстевска-Цалева на местото на Мустафа Хајрулахи


Советот на јавни обвинители на денешната седница едногласно ја избра Наташа Крстевска-Цалева за шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје. Таа на оваа позиција ќе го менува вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран од функцијата и против кого се води кривична и дисциплинска постапка.

Предлогот Крстевска-Цалева да застане на чело на скопското вишо јавно обвинителство беше посочен од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, како еден од можните девет јавни обвинители во ова обвинителство кои би можеле да ја преземат функцијата в.д. виш јавен обвинител во Скопје.

„Сметам дека треба да се назначи обвинител што има интегритет, што нема никакви забелешки на неговата работа и обвинител кој ги врши сите работи. Јас како државен јавен обвинител можам да кажам дека во Вишото јавно обвинителство има обвинители коишто можат да ја вршат функцијата. Јас нема да предложам ни двајца ни тројца, туку само еден – тоа е обвинителката Наташа Крстевска-Цалева која овој совет ја избра едногласно. Убеден сум дека може да ја врши функцијата чесно, законито и праведно“, изјави државниот обвинител Коцевски.

При изборот на Наташа Крстевска-Цалева за в.д. шефица на Вишото јавно обвинителство, членовите на Советот на јавни обвинители се воделе од нејзината стручност во работењето, што досега немало никакви забелешки во однос на нејзиното работење, нејзиниот интегритет и тоа што успешно може да ја извршува оваа обврска.

На крајот на јануари беше поведена дисциплинска постапка против вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи поради утврдени неправилности во начинот на заведување на предметите Обвинителството. Хајрулахи беше реизбран за виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје во декември 2022 година. Кон крајот на минатата година тој беше суспендиран од функцијата откако против него беше покрената истрага и поднесена кривична пријава. Јавното обвинителство на РСМ тогаш соопшти дека против јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, е отворена истрага за малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба и овластување.