Настап на холандско-турскиот етно-рок состав „Алтан ѓун“ утре во МКЦ

Во организација на „Пасворд продакшн“ утре во МКЦ во Скопје концерт треба да одржи холандско-турскиот бенд „Алтан ѓун“ (Altın Gün). Настапот ќе се одржи како дел од дополнителната програма на годинашното издание на Музичкиот фестивал „Таксират“.
– Греми-номинираниот, глобално популарен холандско-турски бенд ‘Алтин ѓун’ утре ќе одржи концерт во скопскиот МКЦ, а публиката може да очекува вртоглаво музичко патување и фантастично шоу на премиерното гостување на овој бенд, организирано од „Пасворд продакшн“ и Фестивалот „Таксират“. Психоделичните рок-верзии на традиционални турски народни песни обвиени во танцови поп-аранжмани, како и извонредните изведби во живо, го прават „Алтин ѓун“ еден од најоригиналните бендови на светската сцена“, соопшти организаторот.
„Алтин ѓун“ во превод значи „златен ден“, а за нивните македонски фанови таков е овој 31 мај, кога групата ќе го одржи својот премиерен концерт во Македонија“, се вели во известувањето.
Со петте албуми објавени досега, етно-рок составот важи за светска атракција којашто покрена револуција во светската музиката.
– Дека нивниот постмодернизам успешно произлегува од психоделичниот осврт на турската традиционална музика и дека револуцијата одекна планетарно, докажa и номинацијата за ‘Греми’ наградата за најдобар албум во 2019 година за нивното издание „Гече“ (Gece). Колку е голем ‘Алтин ѓун’ на светската сцена, сведочат редовно распродадените турнеи во Северна Америка, Европа и Велика Британија“, се додава во соопштението.
Нивната фузија ја претставува „музиката на иднината“, се вели – онаа што не познава рамки, граници или универзуми.
Влезниците за концертот се достапни во претпродажба по цена од 1.500 денари, на благајните на „МкТикетс“ и онлајн. Оваа цена ќе важи најдоцна до утре до 19 часот, а потоа картите ќе чинат 1.700 денари. Влезот за посетителите ќе биде отворен од 20 часот, а концертот почнува во 21 часот.