Наскоро ќе се знае кој ќе биде главниот антикорупционер во тимот за преговори со ЕУ

Вицепремиерот Маричиќ вели дека се разговара со конкретни луѓе и со претставници на конкретни чинители околу вклучување во преговарачката група на лица кои ќе бидат главен економист, главен правник и главен антикорупционер


До 7 ноември кога почнува билатералниот скрининг со Европската унија, ќе биде претставен комплетниот македонски тим вклучувајќи ги и трите позиции: главниот економист, главниот правник и главниот антикорупционер кои ќе имаат значајна улога во натамошниот тек на преговорите за членство во ЕУ.

Инаку, објаснувачкиот скрининг почна на 15 септември и ќе трае до 7 ноември, при што ќе биде извршено ажурирање на она што не сме го слушнале при објаснувачките состаноци во 2018 и 2019, а е нова регулатива од тогаш. Во меѓувреме, на 7 октомври ќе почне скринингот за Вториот кластер Внатрешен пазар. Ова, меѓу другото, беше посочено денес на брифинг со новинарите на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и поранешниот хрватски преговарач со ЕУ, Владимир Дробњак, на кој беа резимирани објаснувачките скрининг состаноци за Кластерот 1 „Темели“ во Брисел и искуството на Хрватска во евроинтеграциите.
Вицепремиерот Маричиќ потсети сите барања, задачи што ќе ги утврдиме во текот на билатералниот скрининг ќе бидат ставени во еден скрининг извештај за целиот кластер. Утврдувањето на тие скрининг извештаи ќе биде основа за утврдување на реперите на мерилата (бенчмарковите) за отворање на кластерите.

Запрашан од новинарите дали се комплетирани тимовите за преговори, како и за личностите кои ќе бидат назначени на функциите главен економист, главен правник и главен антикроупционер, и за нивната улога, Маричиќ рече дека се во фаза на разговори со конкретни луѓе и со претставници на конкретни чинители околу вклучување во таа преговарачка група.
„Основна задача на овие три позиции е што тие имаат една хоризонтална улога. Значи, главниот економист, главниот правник и главниот антикорупционер имаат улога хоризонтално да се вклучат во текот на преговорите и да координираат одредени прашања кои што ќе се отвораат од почеток до крај“, посочи Маричиќ.

Така, главниот економист има задача да ги следи и да помага во координацијата на крупните економски прашања, кои што се развлекуваат речиси низ сите кластери, од првиот до последниот.

„Дури и во шестиот кластер, заедничка надворешна и безбедносна политика, има потреба бидејќи се работи за пакети на санкции кои неминовно имаат импликации на економските политики“, рече Маричиќ.

Во однос на улогата и задачите на главниот правник, Маричиќ објасни дека тој има задача да ги решава сите правни прашања што ќе се отворат во текот на преговорите, а главната задача е да работи на подготовка на договорот за пристапување.

„Значи сите фази, секоја точка од преговорите и секој исход од преговорите за одредено поглавје и за кластер, мора да биде отсликано во договорот за пристапување, односно договорот за членство на Северна Македонија во Европската унија. Вклучувајќи ги транзициските периоди, дерогациите и се она што го зборувавме мора да биде пресликано во договорот за пристапување, односно тоа е практично договорот за членство“, рече Маричиќ.

Тој додаде дека целиот процес е многу комплексен и има многу правни аспекти, процесот треба цело време да биде споредуван со нашето законодавство и со уставниот систем.
„Јас уште од сега може да лоцирам некои прашања кои што можеби ќе покренат и промена на уставот, не заради договореното со Бугарија, туку за други прашања, како на пример позицијата на Државната ревизија. Во Хрватска на пример тоа беше Централната банка, што таму беше причина за промена на нивниот устав“, рече Маричиќ.

Тој нагласи дека ќе има многу правни прашања кои што се важни и ќе се решаваат во текот на преговорите, а најмногу на самиот крај кога ние практично ќе треба со сите правни инструменти да станеме членка на Европската унија и со сите правни импликации во нашиот систем.

„Главниот антикорупционер е новина која што практично ја воведува ЕУ бидејќи ја отвора антикорупцијата како тема во секое поглавје и во секој кластер“, нагласи Маричиќ додавајќи дека македонската страна е должна во текот на презентацијата која што ќе ја има на билатералниот скрининг за било која област, за било кое поглавје, за било кој кластер да има димензија и на антикорупциски мерки во таа област.

„Затоа е неопходно да имаме човек кој што практично ќе ги обединува сите тие и ќе ги следи сите тие мерки бидејќи во секоја област ќе декларираме мерки за антикорупција. Разговорите се во тек и јас очекувам до почетокот на билатералниот скрининг да го претставиме тимот, бидејќи тогаш ќе биде и неопходно да ги имаме“, рече Маричиќ.

Инаку, на брифингот Маричиќ рече дека првиот кластер „Темели“ има посебна тежина и важност и од него поизлегле неколку обврски, бидејќи на крајот на секоја скрининг сесија се претставува она што се очекува од нас до почетокот на билатералниот скрининг.
„Поглавјата 23 и 24 што ги слушавме во изминативе три недели – судство и темелни права, правда, слобода и безбедноста, финансиска контрола, јавни набавки и статистика. Тие се сместени во првиот кластер со намера да се комплетира пакетот, да не биде само на 23 и 24, туку и се друго што е врзано со доброто владеење. Покрај овие поглавја (во кластерот) беа внесени и реформи во јавната администрација, политичките критериуми, функционирање на демократски институции – избори, политички прашања и исто така и економските критериуми и првпат економските критериуми се третирани како посебен дел на преговорите, односно како дел од првиот кластер„, рече Маричиќ.

Тој информира дека во билатералниот скрининг ние објаснуваме, презентираме, даваме оценка за тоа до каде сме со имплементацијата на европските стандарди во одредена област, но и преземаме обврска во кој рок и колку проценти проценуваме дека ни треба за усогласување со европските стандарди.

„Од нас се очекува да се изјасниме дали во некои области бараме транзиционен период по членството и за кои области бараме времени дерогативни мерки, односно колку време ќе ни треба да речеме за животна средина, за некои други покомплицирани области, за кои ќе ни треба повеќе работа или повеќе финансиско вложување, рече тој.

Нов момент, додаде Маричиќ, е забрзаното пристапување, односно членство, а тоа е обратно од транзициските периоди, односно дали има некои области каде што ние сметаме дека сме целосно усогласени и веќе сме подготвени да учествуваме во европските политики, во европските формати како државите членки. Како пример на забрзано пристапување го наведе ковид сертификатот, Северна Македонија беше прва земја надвор од државите членки која прва влезе во системот на ковид сертификати и тоа е еден пример како може да се учествува во системот на ЕУ и пред да се стане членка.

„Она што се наши обврски до почетокот на скринингот е дека за секое поглавје ќе добиеме или прашалник или структура на презентација, како што тие нас по теми ни презентираат, така и ние ќе треба да презентираме во некои области. Веќе ни е најавен и прашалник при што треба да одговориме на дел од прашањата најдоцна десет дена пред почнувањето на билатералниот скрининг, а дел од прашањата треба да ги одговараме таму на лице место. Во тој меѓу период, уште оваа недела треба да ги добиеме или прашалниците или структурата на презентација, за да можеме уште сега до 7 ноември да се подготвуваме за овој процес“, рече тој.

Маричиќ оцени дека билатералниот скрининг ќе ни донесе и поинтензивна динамика и поголем ангажман, но исто така е договорена и динамика за изготвување на оние три клучни патокази, што се во Преговарачката рамка.

„Начелно е договорено до крајот на март ние да ги изработиме трите клучни инструменти за реформи, што се инструменти и за пристапување и од кои два се формален услов, а еден е неформален, меѓутоа важен елемент за отворање на кластерот Темели. Кога ќе го завршиме скринингот треба да ги имаме одобрено овие патокази од Советот, како услов за отворање на кластерот. Тоа се трите патокази – едниот е за владеење на правото, вториот е за реформи во јавната администрација, тие два се задолжителни, а третиот е за функционирање на демократските институции. Тој формално не е услов, меѓутоа е важен да го имаме и ние. Наша цел е до крајот на првиот квартал наредната година да ги имаме сите патокази што ќе ги предадеме на ЕК, која потоа ќе ги проследи до Советот“, рече Маричиќ.

Тој оцени дека на крајот од скрининг процесот во ноември 2023, се очекува ние да ги имаме инструментите што се предуслов за почеток на преговорите – тоа се скрининг извештаите. Тоа значи дека сите барања, задачи што ќе ги утврдиме во текот на билатералниот скрининг ќе бидат ставени во еден скрининг извештај за целиот кластер.

Маричиќ потсети дека оваа фаза на објаснувачкиот скрининг до 7 ноември ја водиме заедно со Албанија, а натаму веќе се раздвојуваме, бидејќи треба да презентираме и да договараме директно со ЕК.

Тој информира дека во средината на идната недела ќе биде промовиран новиот извештај на ЕК и оти во него не се очекуваат некои изненадувања.

Вицепремиерот истакна дека тие извештаи ги гледаме секогаш како објективна оценка на работите и генерално се очекува позитивен извештај на ЕК.

„Имаме силен аргумент и во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, бидејќи оваа година првпат имаме 100-процентно усогласување со сите пакети на санкции на ЕУ и со сите одлуки донесени во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика“, рече Маричиќ.

Поранешниот хрватски преговарач Дробњак истакна дека е важно да се разбере техничката страна и терминологијата на процесот, со цел правилно информирање.
„Во многу елементи овој процес е идентичен на оној што го помина Хрватска, но во некои е многу различен. Она што е новина, а ние го немавме, тоа се кластерите. Секоја држава е случај за себе. Битно е на јавноста да и се објасни дека преговорите се многу широки и комплексни. Во нив учествува целото општество и поради тоа е важно на јавноста да и се приближи овој процес, за подобро да го разбере, но и да се почувствува вклучена во процесот“, рече Дробњак.

Тој рече дека Северна Македонија има предност при зачленувањето во ЕУ затоа што е членка на НАТО, а како силен аргумент на предност го наведе и фактот дека државава има стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ.
На прашањето колку време очекува државава да преговара со ЕУ, Дробњак кажа дека тоа е невозможно да се предвиди.

„Тоа, меѓу другото, е поради новата методологија. Водете сметка дека оваа методологија сега првпат се применува во практика со вас. Специфично за оваа методологија е дека таа од една страна ги прави преговорите дополнително тешки, но остава простор за дополнително забрзување, што ние го немавме. Така што одговорот на вашето прашање не е возможен, рече Дробњак.