Насилни демонстрации во Приштина, повредени 17 лица
Многубројни демонстранти се собраа вчера околу државните институции, Собранието и Владата, барајќи усвојување на измените на законот за Специјалниот суд, што ги предложи опозициската Демократска партија на Косово (ПДК).
Измените беа усвоени во прво читање уште претпладне, но потребно е да бидат усвоени и во второ читање за да стапат во сила.
Меѓутоа, несогласувањата меѓу владејачката партија на премиерот Албин Курти, Движењето Самоопределување (ЛВВ), и ПДК ја променија ситуацијата, па измените не беа ставени на гласање, што ги разгневи демонстрантите собрани пред Собранието.
Курти, во меѓувреме, изјави дека измените се „итни“ и дека неговата партија начелно ќе ги поддржи, но под услов пред нивното ставање на гласање во второ читање да биде избран нов претседател на Косово, со оглед на тоа што уставниот рок за негов избор истекува денеска.
Демонстрантите почнаа да фрлаат пиротехнички средства и стаклени шишиња кон Собранието и полицијата, како и да ги блокираат околните улици со поставување барикади, меѓу кои и запалени контејнери.
Во текот на ноќта доаѓаше до повремени судири меѓу полицијата и демонстрантите, сè додека полицијата не успеа да ги потисне од плоштадот „Скендербег“, во близина на институциите, при што постојано употребуваше солзавец и водени топови.
Полицијата ги потисна демонстрантите до последниот плоштад во низата од четири централни приштински плоштади, „Захир Пајазити“, а потоа ги блокираше пристапите до плоштадот кај Собранието.
Во овие судири и тензии беа повредени 17 лица, од кои 11 демонстранти и шест полицајци, а тројца учесници на протестот беа уапсени.
Сите повредени биле згрижени поради полесни повреди и потоа пуштени.
Собранието во прво читање ги усвои измените на Законот за Специјалниот суд, кои, меѓу другото, предвидуваат максимална казна од 15 години затвор и издржување на казните на Косово.