Нашата партија се вика МКЦ: Програмските уредници бараат фер конкурс за директор


Фото: Б. Богдановска

 

Програмските уредници на Младинскиот културен центар, денеска, на прес-конференција, по обвинувањата за нерегуларности кон инстутуцијата ги упати градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

Тие побараа да престане мобингот и заканите кон вработените, а ако има нерегуларности тие да се докажуваат по законски и правен пат. Поставувањето на новиот директорот кој е професионален детектив, според нив е политизација и партизација на институцијата и бараат да се отвори фер и регуларен конкурс за избор на квалификуван директор на МКЦ.

Тие велат, овие денови се тешки денови за МКЦ, но и за културата воопшто и се случуваат разни клевети, невидени притисоци врз вработените, се дозволуваат паушални толкување на законите и правото, се креваат раменици и оградување од надлежности.

„Но, за нас се случува нешто најважно: младите во Скопје ја разбраа нашата заложба сиве овие години – да креираме еден европски простор, кој е НИВНИ – и само нивни! Се менуваат власти, се менуваат и уредници, но центарот – како поле за нивно изразување и промовирање – останува само нивни“, велат од МКЦ.

По вчерашната прес-конференција на Арсовска, од МКЦ денеска одговорија на сите прозиовки.

Така, за тврдењето на Арсовска дека на МКЦ не му се скратени 90 отсто од буџетот – лани од основниот буџет на Град Скопје му биле доделени 10.7 милиони денари, а оваа 8.7 милиони денари велат:

„До одржување на прес-конференцијата вчера, ние на располагање го имавме овој документ – а тоа е дневен ред на 22. седница на Совет на Град Скопје, каде што стои дека за 2023 година за програмата на МКЦ е предвидено да се доделат 4.500.000 денари. Од нив – 2.500.000 денари се за работата на градското кино Милениум, а за сите останати активности на МКЦ, каде што меѓу другото се и едни од најголемите национални фестивали: театарскиот „МОТ“, филмскиот „Синедејс“, и музичкиот „Здраво млади“, како и целата годишна музичка, драмска, ликовна, детска, литературна програма во 365 дена – севкупно 2.000.000 денари“, велат од таму и велат дека со тие пари нема да может да ја остварат зацртаната програма.

За тврдењето дека висината на буџетските дотации оваа година се 34.000.000, исто како и лани, веруваат дека тоа е точно, но блок дотациите главно се однесуваат на режиските трошоци на институцијата, а од минатата година само струјата е три пати поголема од претходно.

Арсовска рече дека МКЦ мора и може да работи самоодржливо со капацитетите со кои располага, дури и без дотации/субвенции од градот, затоа што остварува сопствени приходи од над 33 милиони денари. Од МКЦ појаснија дека сите дополнителни средства кои ги обезбедува МКЦ се реинвестираат повторно во други настани и проекти, креирање дополнителни нови и нови сопствени активности, и секако давање поддршка на разни надворешни креатори на независната културна сцена.

„Но исто така од овие средства се доплаќа и за струја и парно, се кречи, се плаќаат дополнителни работници, се поправаат компјутери, се купува опрема… Сето она кое Град Скопје, како една од нивните канцеларии за култура, не може да ни го обезбеди“, додаваат

За лажниот притисок кон претходниот в.д. директор Ванчо Богоев, и потребата тој самиот да се извини за 48 часа од МКЦ рекоа дека тој од оправдани причини денеска не беше таму, но ги охрабрија и „сите други вработени во администрацијата на Град Скопје, на кои веќе подолго време слушаме дака им се вршат исти или слични притисоци, кои тивко кажуваат и дека го слушале гласниот „состанок“ меѓу поранешниот в.д. директор и генералниот секретар на Град Скопје, доколу е тоа така и спрема нив, да истапат и го обзнанат тоа пред надлежните институции и јавноста. “

На тврдењето на Арсовска дека преку 250 договори за ангажирање спротивно на закон без да се потпише договор за времено вработување или да се ангажираат преку агенција за привремени вработувања или авторска агенција за кои ќе треба да се даде отчетност и за тоа дека повеќето се истакнати членови или функционери на ВМРО, како и дека над 90 договори од овие се за шанкери на кои им било исплаќано од 300 до 750 евра месечно, од МКЦ велат:

„ЈУ МКЦ во 2019 година има 50 вработени, а вече сега, три години подоцна тој број по разни основи е сведен на 40. Иако реалните потреби за работници за нормално и непречено работење се можеби и многу над 70. Но за да може МКЦ да продолжи да функционира и во такви услови, и да ги испорачува квалитетно и навремено сите обврски, има две опции: едната, која досега беше пракса, е секој покрај основната да работи дополнителни 4-5 работни позиции. И втората, дополнително да ангажира повремено или проектно лица за одредени конкретни задачи и активности. Сите тие ги плаќа од сработените сопстевени приходи – не од доделените јавни средства – за кои бевме претходно и пофалени. Да не се потцени, но ние обезбедуваме и даваме работа на многу луѓе во градов. МКЦ континуирано бара од Град Скопје нови вработувања, па макар тоа било времено и преку Агенција за привремени вработувања – но за кои повторно по закон, како и за редовните вработувања, треба согласност од Град Скопје. Таа согласност не ја добиваме.“

Од 50-тиот роденден на МКЦ (Фото: Б. Грданоски)

Што се однесува до сега веќе бомбастичните наслови дека „шанкер зема 750 евра плата во МКЦ“, појаснуваат дека: во недостаток на редовен вработен персонал, секако за да оствариме сопствени приходи ќе се потпираме на сѐ уште расположливи надворешни млади луѓе, кои се останати во градот и сакаат да работат. Најчесто тоа се студенти, кои чесно работат за дневница, често и двојни смени, која на крај на месецетот врз основа на сработеното им се исплаќа како хонорар, со платен данок. И секако 90 договори не се 90 лица – паушален одговор за 12 месеци во годината се седум извршители месечно, секое со свој посебен месечен договор. Како и да е, на секој од нив посебно сме им благодарни. Политичките и партиски етикетирања во оваа точка нема да ги коментираме. Нашата партија се вика МКЦ“.

На обвинувањето на Арсовска „од главната благајна на МКЦ подигнати се нешто над 100.000 евра во готовина, кои биле извлекувани од сметката на институцијата без соодветна основа (6.2 милиони денари) одговараат дека како благајна за 2022 година се водат 6.232.388 денари, од кои 5.914.888 се уплати од дневен промет од работата на угостителската дејност на МКЦ (бифе/шанкови) кои преку благајна потоа се уплаќаат на сметката на ЈУ МКЦ, а само 317.500 денари се директни готовински материјални трошоци, кои преку цела 2022 година се користени готовински и се однесуваат за ситни набавки, поправки, патарини, сервисирања и сл, поткрепени со соодветна документација и сметки. Тврдењата за недостаток на некакво покритие и документација за ова, беше токму нашиот сомнеж и страв по промените на бравите на пример, во простории каде таа документација се чува.

Од јубилејот на МКЦ (Фото: Б. Грданоски)

„Повторно потенцираме, дека секое изнесување и толкување на ревизијата пред процесот законски да заврши, и истиот да се спроведе исклучиво од надлежни лица и институции, е само грубо кршење на правата на деловно работење во оваа држава.“

За обвинувања на Арсовска дека од 40 вработени, 12 се поставени како директори, упатија да се погледне во процедурите за трансформација постоечките работни места преку МИОА на работни места според Законот за јавна администрација и Законот за јавни службеници.

„Тоа беше процес, кој конкретно во нашата институција, поради природата и спецификата на работење и дејности кои ги опфаќа, траеше скоро четири години. Истите не би можело да се спроведат без одобрение по закон на надлежните институции и министерства за тоа“, велат од МКЦ.

Јубилеј (Фото: Б. Грданоски)

Поради гласните заложби на Арсовска дека не може да се поставува несоодветен кадар на директорското место, токму тоа и го бараат од неа, да распише оглас на кој ќе се избере директор.

„Токму тука е нашето најгласно спротиставување. Програмските уредници кои стојат тука пред вас, апсолутно изминатите години пред јавноста ја докажале својата професионалност, компетентост и знаење за програмите кои ги уредуваат. Системскиот проблем на партиско и некомпетентно вработување и назначување е нашиот најголем противник. Токму за тоа гласно се залагаме: за департизација и професионализација на кадрите. Но во реалноста тоа е само предизборен памфлет, кој не важи веднаш по добивањето на власта и позицијата. Доста е! Пак ќе повториме: Дозволете им на младите да знаат зошто треба да учат, зошто да инвестираат во своите знаења и вештини, и зошто треба да останат тука! Да им покажеме кој е единствениот пат тука, дома, пред својата публика да покажат што знаат и умеат, и од тоа да живеат. Не е партискиот активизам и политиката патот до успехот. Не смее да биде.“, појаснуваат програмските уредници на МКЦ.