Народната банка на Србија ја одзеде лиценцата за работа на Алта банка која има банка и во Македонија

Алта банка а.д. Белград е мнозински и доминантен сопственик на АЛТА банка АД Битола е каде што поседува 95,23 отсто  од вкупниот број на акции со право на глас


Извршниот одбор на Народната банка на Србија донесе одлука за одземање на лиценцата за работа на Алта банка а.д. Белград, соопшти доцна ноќеска НБС. Агенцијата за осигурување на депозити ќе биде назначена за стечаен управник со судска одлука, се наведува во соопштението.

Оваа информација која одекна како бомба и во нашата домашна јавност е важна бидејќи Алта банка а.д. Белград е мнозински и доминантен сопственик на АЛТА банка АД Битола е каде што поседува 95,23 отсто  од вкупниот број на акции со право на глас, додека другите 4,77 отсто се во посед на малцински акционери односно помали правни и физички лица. Оваа сопственичка структура беше воспоставена по преземањето на тогашната Стопанска банка а.д. Битола во октомври 2025 година, кога српската банкарска групација откупи контролен пакет акции, што беше одобрено и од Народната банка на Македонија. Преку оваа аквизиција, АЛТА банка Битола е целосно интегрирана во регионалната финансиска АЛТА Групација со седиште во Белград. Сепак, треба да се има предвид дека Алта банка а.д. Битола е македонски правен субјект, кој работи согласно македонските прописи, без оглед на сопственичката структура. Во повеќето банки во Македонија сопственоста е доминантно кај странски правни лица.

Инаку, според централната банка на Србија на одземањето на лиценцата на белградската Алта банка му претходеле контролни активности насочени кон зголемување на нивото на ликвидност на банката.

„Утврдено е дека во претходниот период, финансиската состојба на банката значително се влошила и дека постои можност за дополнително влошување на финансиската состојба или ликвидноста на банката, а во врска со тоа, интересите на штедачите на банката се во опасност“, се објаснува во соопштението на НБС.

Имајќи предвид дека условите за одземање на лиценцата на банката се исполнети, НБС наведува дека во согласност со Законот за банки, ја донела горенаведената одлука со цел да ги заштити интересите на штедачите и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем.

Агенцијата за осигурување на депозити ќе овозможи исплата на осигурените износи и располагање со средствата на штедачите согласно Законот за осигурување на депозити во рок од седум работни дена, се вели во соопштението.

Алта банка е во средиштето на партиските прерпукувања и во Македонија, особено откако во јавноста протекоа информации за префрлање на пари од белградската банка – мајка кон нејзината банка ќерка во Македонија. 

Првичната информација во јавноста ја сподели српскиот адвокат Иван Ниниќ кој не кажа за која банка станува збор, но рече оти има оперативни сознанија дека почнувајќи од 26 октомври една од банките започнала процес на „интензивни и забрзани трансфери на средства (ликвиден капитал) во странство, поточно на сметки и правни лица лоцирани во Москва и Скопје, каде именуваната банка односно лица поврзани со неа поседуваат сопственички удел во банкарскиот и осигурителниот сектор“.

Истите тврдења за трансфер на пари потоа беа изнесени и од кандидатката од Студентската листа, Сара ел Сараг, при гостувањето на Н1 ТВ. За овие наводи вчера се огласи и македонската Народна банка.

Вчера ваквите информации не ги демантираше ниту гувернерот Трајко Славески, кој го релативизираше нивното значење.

Во соопштението до медиумите вчера Народна банка на Маедонија нагласи дека домашниот банкарски систем е стабилен и отпорен и декак НБ „континуирано, на секојдневна основа, го следи работењето на банките, нивната ликвидност, капиталната позиција и изложеноста на ризици и презема соодветни мерки во рамките на своите надлежности кога за тоа има основа“.

Сепак, во врска со актуелните медиумски наводи за прекугранични трансфери во соопштението се вели дека „одливите на капитал од одредена земја треба да се предмет на интерес на нејзините надлежни институции“ како и дека „инвеститорите се одлучуваат за селење на финансискиот капитал од различни причини: потрага по повисоки приноси, поповолна инвестициска клима надвор од земјата, во периоди на неизвесност и сл.“

 

„Во современата економија, во која земјите и финансиските пазари се тесно поврзани, прекуграничните финансиски текови се вообичаен дел од економските активности. Компаниите вршат плаќања кон странски добавувачи, банките извршуваат трансакции за своите клиенти, а инвеститорите вложуваат средства и на домашните и на странските пазари. И нашата земја има приливи и одливи на капитал, вклучително и преку портфолио-инвестициите во странство“, истакна гувернерот Славески.

Тој нагласи дека самиот факт дека средства се префрлаат од една во друга земја не значи дека станува збор за сомнителна активност. За правилна оценка, од суштинско значење се природата, основата и околностите на трансакциите, како и нивната усогласеност со законите и регулативата.

 

Влегувањето на Алта банка а.д. Белград на македонскиот банкарски пазар беше дочекано „на нож“ од македонската опозиција СДСМ укажуваше на сопственичката структура на банката со луѓе блиски до сега веќе поранешниот политички естаблишмент во Србија, како и на одредени проблеми кои банакта ги имала со регулатори во странство.

Вчера Андреј Жерновски од СДСМ побара итни одговори од премиерот Христијан Мицкоски и од гувернерот Трајко Славески во врска со информациите за трансфери на пари од Србија во Македонија преку Алта банка. Тој постави прашање дали Скопје станува транзитна точка за средства наменети за Москва.

Жерновски рече дека СДСМ минатите две години  упорно објаснувал дека станува збор за банка на која Централната европска банка ѝ забранила пристап на пазарот на Европската Унија поради сомнеж за потеклото на парите, сомнежи за перење пари и поради оценка дека претставува безбедносен ризик за целиот регион.

„И на таа и таква банка, на којашто ѝ се оневозможува влез во Европската Унија, на европскиот пазар, некој, односно тие некои се Мицкоски и Трајко Славески, овозможуваат такви пари, таква банка да влезе во нашата држава, рече Жерновски.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче изминатиот период го го обвинуваше премиерот Христијан Мицкоски дека „не случајно ги отворил вратите за влез на сомнителен капитал преку Алта банка, додека, во европските земји оваа банка наидувала на затворени врати“.

Од СДСМ исто така предупредија дека се врши притисок државните компании да ги префлаат сметките во Алта банка а.д Битола, што потсети на слична ситуација со Македонска банка пред повеќе години.

„Алта банка, банката којашто беше одбиена од секаде во Европа, банката на чијшто главен менаџер, директор, му беше забранет влез во Црна Гора. Сега гледаме што значи пристапување кон Европа. Нема таму внесување на црн капитал, како што тука ширум ги отвори вратите на оваа банка со сомнително потекло, што знаеме дека води до врвот на власта во Србија, ги отвори вратите Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка“, рече Филипче.

Неговите тврдења беа дека се работи за поширока мрежа на финансиско и медиумско влијание, осврнувајќи се на купувањето банка и осигурување, како и на финансирањето медиуми.

СДСМ бара истрага: Алта банка префрла пари во Македонија

 

Пред одземањето на дозволата во Србија, како што пишува „Нова.рс“ „Алта Пеј“ (Alta Pay) – која работи во рамките на „Алта групацијата“ (заедно со „Алта банка“), им дала насоки на своите деловни партнери плаќањата да ги вршат преку нејзините сметки во други банки, конкретно во „Поштанска штедионица“ и „ОТП“ (OTP). Ова било невообичаено, со оглед на тоа што „Алта Пеј“ поседува сопствена инфраструктура за обработка на плаќања и има сметки во различни институции, вклучително и во самата Алта банка.

Всушност, „Алта Пеј“ ги насочила партнерите да ги заобиколат нејзините постоечки сметки во други банки, наложувајќи плаќањата да се вршат исклучиво преку двете споменати институции, пишува Нова.рс.

Во последните години, „Алта банка“ реализираше некои од најголемите финансиски трансакции во Србија.

Белградските медиуми наведуваат дека Народната банка на Србија ја донела одлуката со цел да ги заштити интересите на штедачите и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем.

По одземањето на лиценцата, надлежниот суд за стечаен управител на Алта банка ќе ја определи Агенцијата за осигурување на депозити, која ќе ја поведе постапката согласно законските прописи.

За граѓаните и другите штедачи особено е важно да се обезбеди краток временски период за почеток на располагање со осигурените средства.

„Агенцијата за осигурување на депозити ќе овозможи исплата на осигурените износи и располагање со средствата на штедачите согласно Законот за осигурување на депозити“ во рок од седум работни дена, соопшти НБС.

Одлуката за повлекување на лиценцата за работа претставува најстрога регулаторна мерка што може да се преземе против банката и се донесува кога се исполнети условите пропишани со закон за престанок на нејзината понатамошна дејност.