Народна банка: Се ослободуваат 130 милиони евра за кредитирање на компаниите
Денес ќе се одржи аукцијата на која согласно со одлуката што Народната банка ја донесе во понеделникот, понудата на благајнички записи е за 8 милијарди денари помала во споредба со аукцијата спроведена во март. Ослободените средства во износ од околу 130 милиони евра се очекува да овозможат натамошна поддршка за македонската економија преку поттикнување на кредитната активност на банкарскиот систем.
Преземањето на ваквиот чекор од страна на Народната банка следува по намалувањето на основната каматна стапка, регулаторните измени со што се обезбедува поголема флексибилност и им се остава поголем простор на банките да се фокусираат на процесот на кредитирање, како и на измените кај задолжителната резерва со коишто се ослободува дополнителна ликвидност и му се дава поддршка на кредитирањето на најпогодените сектори во економијата. Обезбедувањето дополнителна ликвидност е особено важно, имајќи ја предвид специфичноста на шокот од пандемијата на Ковид-19 и мерките што се преземаат за справување со вирусот, се вели во соопштението од Народната банка.