Наредба од Нуредини итно да се спроведат брзите мерки за санирање на последиците од депонијата Русино

По иницијатива на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на седницата во вторникот Владата усвои Заклучок по кој министерот Нуредини издаде Наредба – Центарот за развој на Полошкиот плански регион, преку ангажираните изведувачи „Пелагонија“ АД и ЈКП „Комуналец“ од Гостивар, да спроведе брзи мерки за санирање на последиците по животната средина од работењето на постојната локација за отстранување отпад во Русино во општина Гостивар.

Како што информира Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), брзите мерки треба да опфатат изградба на систем за третман на исцедокот кој се состои од насип кој ќе спречува влевање на атмосферски води во веќе депонираниот отпад, канал, резервоар и пумпа што ќе го враќа исцедокот во постоечката депонија, административна куќарка за вработените, вага за мерење на возилата кои транспортираат отпад за депонирање и делница каде ќе се постави вагата.

За ова се обезбедени 1.900.000 швајцарски франци преку Проектот за воспоставување на новиот регионален самоодржлив систем за управување со комунален отпад во целиот Полошки регион, преку грант од Владата на Швајцарија за Владата на Република Северна Македонија. 

– Овие активности  досега не беа спроведени поради административно одоговлекување на постапките, поради што министерот Нуредини согласно начелата за превенција и висок степен на заштита од Законот за животна средина, издаде наредба со која ќе се спречи натамошното зголемување на акумулацијата на полутанти во сите медиуми на животната средина во пошироката околина и загрозување на здравјето на луѓето, соопшти МЖСПП. 

Министерството информира и за активностите што досега се реализирани во рамки на проектот: Регионален план за управување со отпад за Полошки регион, изработен и одобрен од  МЖСПП; Стратешка оцена на животната средина на планот; Физибилити студија; Анализа на придобивките и трошоците; Оцена на влијанието врз животната средина; Детални проекти и помош при подготовка на тендерски дoкументи за договори за работи и набавки за изградба на избраните постојки за претовар, третман и отстранување отпад, за затворање и санација на нестандардни депонии и диви депонии и за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпад сообразно со стандардите на ЕУ.

Подготовена е и севкупната документација за основање Регионално јавно претпријатие за управување со отпад за Полошкиот регион, кое ќе управува со идната регионална депонија, а ќе се финансира сразмерно од страна на секоја општина. Набавени се контејнери за сите општини во Полошкиот регион. Изработени и емитувани се ТВ-спотови за подигнување на јавната свест кај граѓаните.

Според МЖСПП, успешното завршување на овој проект е предуслов за обезбедување дополнителни средства за изградба на санитарната депонија.