Напрегнато во Собранието, на работ на инцидент
Првата седница во новиот формат од неколку часа наменета само за пратенички прашања од опозицијата заврши на работ на инцидент по жестоката препирка меѓу координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Никола Мицевски и Борислав Крмов.
„Недоразбирањето“ настана кога едно прашање најавено за министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, го пренасочи за премиерот Христијан Мицкоски. Тоа се однесуваше на назначувањето на Радмила Шекеринска за заменик-генерален секретар на НАТО.
Мицевски преку процедурална интервенција тврдеше дека такво пренасочување на прашањата во последен момент не е дозволено со деловникот, Крмов тврдеше дека е можно, па потоа кога од својата клупа жестоко се вклучи лидерот на Левица, Димитар Апасиев, се собраа повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кон клупите на опозиционерите. Имаше жестоки извици, малку кошкање, па претседателот на Собранието, Африм Гаши ја прекина седницата на 10 минути.
Таа потоа продолжи, но и многу брзо заврши.