Напнато рочиште на судењето за тендерот за ископ на јаловина во РЕК „Битола“

Што е јаловина, а што не се докажуваше со вештачењето дали законски била отфрлана понудата на „Гранит“ и била прифатена онаа на „Рудкоп“


Од судењето за РЕК „Битола“ (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Своевидна паника од потезите на ОЈО Битола настана на последното рочиште во Основниот суд Битола во процесот во кој им се суди на екс-директорот на РЕК „Битола“ Пеце Матевски и уште шестмина вработени од комбинатот како и на три службенички од Бирото за јавни набавки од Скопје, обвинети за незаконитости во тендер за ископ на јаловина поврзан со изборот на битолската фирма „Рудкоп“- Битола во 2022-2023 година.

Во овој случај обвинетите се товарат дека спротивно на Законот за јавни набавки во име на РЕК „Битола“ ја отфрлиле како неприфатлива понудата на „Гранит“ Скопје за ископ на јаловина, иако била со најниска цена, и ја прифатиле на „Рудкоп“ Битола. Штетата за РЕК „Битола“ според ОЈО е над 178 милиони денари. 

Обвинителката Оливера Нечаковска како застапник на обвинението, по супервештачењето на предметот што во јули го нареди Основен суд Битола, побара доставување на дополнителни докази и распит на сведок – вработена како рударски инженер во РЕК „Битола“. Всушност обвинителството побара рударското вештачење да се издвои како незаконит доказ бидејќи согласно Законот за кривична постапка супервештачење се наредува од судот само ако има спротивставено вештачења, а во конкретниот случај ни Обвинителстовото, ни одбраната претходно немале доставено рударско вештачење како доказ. Бранителите на обвинетите реагираа дека по барање на ОЈО може да се утврди да се издвои рударското вештачење од доказите, но дека тоа е составен дел на супервештачењето, како и тоа дека во оваа фаза на постапката не е можно да се издвојува доказ со посебни решенија, туку да продолжи постапката. 

Ова барање на ОЈО не беше прифатено од судот.

Судијата Горан Димовски, кој го води судскиот процес на овие забелешки од страна на обвинителството рече: „Супервештачењето е со цел судот да утврди дали доказите од двете страни, народски кажано ‘држат вода’, дали фактите кои биле изнесени се во насока на тезите кои ги застапуваа странките.

Обвинителката побара судијата да одлучи со посебно решение по нејзиниот предлог за издвојување на доказ како незаконит, но според судот во оваа фаза од постапката судот цени, дека  доколку се донесува посебно решение по однос на предлогот на ОЈО истата дополнително ќе се одолговлекува без потреба“, рече Димовски и им порача дека во однос на сите предлози од ОЈО и од одбраната судот ќе се произнесе со пресудата.   

Адвокатите на десетте обвинети жестоко се спротивставија на обвинителството и за новиот сведок повторуваа – „ова е правен преседан“, меѓутоа обвинителството повикувајќи се на пракса од Европскиот суд за човекови права го убеди судот да дозволи дополнителни докази и распит на нов сведок.

На вчерашното рочиште, беа испитани едно вешто лице од областа на материјално сметководство и финансии и едно вешто лице од рударската област, а во врска со претходно изготвеното супервештачење по наредба на судот.

На прашања на обвинителството, Николина Кузмановска – вешто лице од областа на материјалното сметководство и финансии потврди дека исклучувањето на потврдите за извршен ископ на земјени маси од страна на  „Гранит“ Скопје во рамките на изградбата на автопатот Охрид – Кичево не било основано, затоа што количините наведени во потврдите биле реално ископани, а фактот што автопатот Охрид – Кичево не бил довршен бил ирелевантен за докажување на ископаните количини.

Одбраната ја запраша Кузмановска зошто нејзиното мислење е спротивно на праксата на Државната комисија за жалби по јавни набавки по однос на прифатливоста на потврдите на „Гранит“ за работите на патот Охрид – Кичево? На ова приговараше обвинителката дека се работи за претпоставка и побара од обвинетите да не дофрлуваат „страшна работа“, па ги предупреди и судијата.

„Потврдите кои што ги има приложено АД ‘Гранит’ се однесуваат за работи кои се завршени иако договорот е во тек“, рече вештакот Кузмановска. 

Потоа исказ даваше и вештото лице од областа на рударството, Ванчо Гоцевски, во врска со неговото тврдење дека јаловинските маси се разликуваат од земјените маси и дека потврда за извршен ископ на земјени маси не може да се поистовети со потврда за ископ на јаловински маси.

„Во терминологијата на Законот за минерални суровини е предвидено терминот ‘јаловина’ и во рудниците во Македонија и во проектите се наведува тој термин, но во РЕК ‘Битола’ во проектот е наведено – ‘откривка’ која се наведува како јаловина“, рече вештакот Гоцевски. 

„Значи ако во една јавна набавка се бара потврда за ископ на ‘јаловински маси’, дали може да поседуваат и приложат само економски оператори кои работеле во рудник?, праша обвинителката на што вештакот Гоцевски кажа – да.   

Со цел побивање на ваквите наводи на вештото лице од страна на обвинителството беа предложени дополнителни докази – сведочење на сведок вработена во РЕК „Битола“, стручен наод и мислење од машинската област и тендерските документации за последователни јавни набавки за ископ на јаловина и јаглен во кои како доказ за техничка способност на понудувачите РЕК „Битола“ барал потврди за ископани земјени маси – карпести маси и руда.

Ненадејна напрегнатост во судницата настана од страна на одбраната, дали судот треба да го прифати новиот сведок на обвинителството, кој е колега на обвинетите и работи во рудникот Суводол, како и новите предлози на одбраната. Адвокатите на обвинетите велеа дека терминот „јаловина“ од почетокот е спорен и дека обвинителството пропушти навремено да достави докази во врска со тоа.

Но, обвинителството повикувајќи се на воспоставена пракса од страна на Европскиот суд за човекови права успеа да го разубеди судот дека принципот на правично судење бара да се дозволи со доставување на дополнителни докази заради побивање на рударското вештачење кое обвинителство го оцени како неточно и со погрешни заклучоци.

Оттука, судија Димовски сепак донесе решение да се испита сведокот на обвинителството.  

Новиот сведок објасни дека јаловината како термин се користи само во рударството, а економските оператори својата техничка способност за ископ на јаловина можат да ја докажат и со претходно ископани земјени маси, всушност слоевите што се наоѓаат над јагленот.

„Сѐ што ќе се ископа во границите на копот, а не е јаглен – е јаловина. Тоа се маси во кои нема корисни минерални суровини. Називите кои се користат во рударството зависат од проектантите дали ќе ги викаат: јаловина, откривка…“ и тоа е термин кој се користи само во градежништвото, рече новиот сведок на обвинителството.

По исказот на сведокот расправата се одложи за да може судот да процени дали ќе ги прифати и другите писмени докази поднесени од обвинителството. Одбраната на обвинетите не поднесе докази.

На обвинителна клупа за овој случај седат Пеце Матевски, екс директор на РЕК „Битола“, Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, вработени во РЕК „Битола“, членови на Стручната комисија и Комисијата за јавни набавкиво комбинатот. Со обвинението се опфатени и Александра Маџевска Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите три од Бирото за јавни набавки во Скопје.