Нападот на Штекли бил најавен на Тик-ток, но МВР не може да направи чуда


Фото: Б. Грданоски

Денешниот напад со бомба во двор на куќа во скопска Ќерамидница, чија цел бил Раде Трајковски – Штекли, кого веќе два пати се обидоа да го убијат во „Ист Гејт Мол“, бил најавен на Тик-ток, но тоа не ѝ помага на полицијата да ги најде сторителите, потврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

– Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денеска, но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние кои што го „реметат“ мирот на македонските граѓани, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со денешниот настан во кој експлозивната направа била фрлена во двор во скопска Ќерамидница.  

Одговарајќи на новинарско прашање на дебатата „Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“, Тошковски посочи дека јасно и одлучно ќе се борат против криминалот и против организираниот криминал.

– Убиства имало и ќе има, бомби фрлање имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа, рече министерот.

Во однос на прашањето дали можело да им се влезе во траг на напаѓачите, имајќи предвид дека нападот бил најавен на социјалната мрежа Тик-ток, министерот одговори дека ќе постапат во рамките на капацитетите што ги имаат.

-МВР не може да направи чуда, но може да работи чесно, посветено и професионално и во рамки на сето она што е надлежност на министерството, согласно капацитетите што ги имаме, ќе постапиме. Нема да се мижи како што се мижело претходно, рече тој. 

Утрово од Министерството за внатрешни работи информираа дека едно лице е повредено денеска од експлозивна направа која била фрлена во двор во скопска Керамидница, соопшти МВР.

– Денеска (14.11.2024) во 09.20 ч. во СВР Скопје било пријавено дека во дворно место во населба Керамидница во Скопје била фрлена експлозивна направа. Од експлозијата со повреди се здобил Р.Т., кој е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош, соопштија од МВР.