Наместо реконструкција ќе има нова влада


Ќе нема реконструкција на Владата, туку нова влада што ќе ја состави нов премиер, кој ќе биде и лидер на СДСМ, најавиле за „Слободен печат“ извори од кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Според овие најави, по окрупнувањето и зацврстувањето на парламентарното мнозинство, кое се очекува да се случи наскоро, премиерот Зоран Заев ќе ги активира оставките што ги најави – и на функцијата премиер и на лидерската во СДСМ. Според ова неофицијално сценарио,по официјализирањето на оставките ќе следува избор на нов лидер на СДСМ, а тој ќе биде и мандатар за состав на новата влада.

Ако Алтернатива дефинитивно одлучи да биде дел од власта, тогаш мнозинството ќе брои најмалку 64 пратеници, вклучувајќи го и Кастриот Реџепи од Беса. Според пишувањето,Заев ќе го одложува поднесувањето на оставките сè до моментот кога ќе го обезбеди мнозинството. Штом ќе се случи тоа, веднаш СДСМ на непосредни избори ќе добие нов партиски лидер. Засега не се открива наследникот на Заев. Тој ќе биде избран од повеќе предложени кандидати од кои членството на директни избори ќе го изгласа новиот претседател. Тој ќе биде и новиот мандатар за новата влада, ќе состави свој кабинет, што значи дека ќе нема реконструкција на актуелната влада.

Инаку, Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, разговорите ќе ги почнат утре во Клубот на пратениците. Под претпоставка да се договорат таа партија да му се приклучи на владејачкото мнозинство, тогаш и министерските позиции за Алтернатива ќе бидат во пакет со кадровските решенија за новата влада. Во таков случај, со оставката на премиерот Заев, во оставка ќе биде и целата Влада. Новиот мандатар ќе предложи до претседателот на државата Стево Пендаровски програма и нов состав на Владата. Се претпоставува дека некои од актуелни министри ќе си ги задржат позициите и во новата влада, а извесно е дека нема да бидат сменети министрите од ДУИ.

Неофицијално, се очекува Алтернатива да добие две министерски места, заменици министри како и повеќе директорски функции, бидејќи од нив ќе зависи стабилноста на мнозинството. Се шпекулира дека кон владејачкото мнозинство може да се приклучат и пратеници од опозициските Алијанса за Албанците и Беса, но засега нема потврда за тоа, освен дека власта разговара со повеќе пратеници на кои приоритет им се евроинтеграциите. 

Според статутот на СДСМ, вонредни избори за лидер на партијата се распишуваат во рок од 15 дена откако ќе биде потврдена оставката на актуелниот лидер. Со одлуката за распишување на внатрепартиските избори се одредува и датумот за нивно одржување. Соговорниците на „360 степени“ од СДСМ велат дека, ако Заев реши да ја официјализира оставката, изборите би можеле да бидат распишани многу побрзо од предвидениот рок од 15 дена.

Потоа, доколку Заев, по изборот на друг лидер на СДСМ, реши да поднесе и писмена оставка на премиерската функција во парламентот, пак, би почнале да течат и роковите од десет дена во кои претседателот Стево Пендаровски ќе треба да го даде мандатот на партијата/партиите кои имаат мнозинство во парламентот. Потоа следуваат 20 дена за преговори за кадровскиот состав и за поделбата на ресори меѓу колициските партнери.

До изборот на нова влада на должност, како што е предвидено и со Уставот, останува досегашната Влада. Според предвидените уставни рокови, вклучително со роковите за одржување вонредни избори во СДСМ, целата постапка за евентуален избор на новата Влада би можела да трае и до втората половина на декември, односно и по самитот на ЕУ на која се очекува одлука околу одржувањето на првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите со ЕУ.