Наместо експресна реакција и одговорност, власта молчи за скандалот со операциите, обвинува СДСМ
Поминуваат денови од откривањето на еден од најстрашните скандали во македонското здравство со непотребни операции на срце направени во приватни клиники. Наместо експресна реакција, наместо објавување на сите информации, наместо одговорност власта со денови молчи, се наведува во соопштението од СДСМ од прес – конференцијата на Рената Младеновска, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Сè уште нема изнесено целосни информации пред граѓаните, не е објавен извештајот, инволвираните, кои се лекарите, кои се приватните клиники. Се крие од јавноста кој од докторите дал индикации за операциите. И сè уште нема поднесено ниту една кривична пријава“, рече Младеновска, прашувајќи што се чека и додавајќи дека „како некој да се обидува да го заташка овој монструозен случај“.
Вакво однесување, според неа, е неспоиво со одговорна, транспарентна и сериозна држава.
Таа посочи дека СДСМ ќе се бори за објавување на целата вистина и за одговорност, при што наброја неколку барања: итно јавно објавување на извештајот, во фазата во која се наоѓа, без доработки и без прикривање; објавување на сите имиња на доктори кои дале индикација за операциите, што е клучно за понатамошната разврска на случајот; објавување на имињата на сите приватни клиники и субјекти вклучени во процесот и носењето одлуки; веднаш поднесување кривични пријави без никакво одложување; како и психолошка и правна поддршка за пациентите и за семејствата кои поминале низ овој кошмар.
„Ова е тежок скандал кој мора да биде третиран со максимална транспарентност и максимална одговорност“, рече Младеновска.