Намалување на енергетската сиромаштија во Град Скопје – Енергија за тебе


Мост преку Вардар - фото: Б. Грданоски

Поради потребата од отворено дискутирање за проблемот со зголемениот број на домаќинства кои се соочуваат со „енергетската сиромаштија“, здружението МАЦЕФ Скопје активно работи на спроведување на проектот „Намалување на енергетската сиромаштија во Град Скопје – Енергија за тебе“.

– Спроведувањето на проектот „Енергија за тебе“ се јави како неопходност заради се поголемиот број на домаќинства кои се соочуваат со „енергетската сиромаштија“. Иако согласно статистичките податоци бројот на „енергетски сиромашни“ домаќинства е во постојан пораст, сепак се занемарува и не се разговара отворено за настанатиот проблем, посочувааt оттаму.

Од МАЦЕФ додаваат дека е потребно појаснување на поимот „енергетска сиромаштија“.

– За да може да се доближи и разјасни поимот може да се послужиме со следното објаснување: „Неможноста за обезбедување на соодветно греење во домот и немањето пристап до други основни енергетски услуги по разумна цена, проблемот на покривање на дневните потреби: топла вода, осветлување, греење, ладење, подготовка на храна или недостиг од средства за покривање на трошоците за енергетски услуги, се проблеми со кои се дефинира поимот енергетска сиромаштија“, велат од МАЦЕФ.

Здружението информира дека според статистиките во земјава, 76 проценти од домаќинствата се греат на огревно дрво и загреваат најмногу 16 до 20 квадратни метри од станбениот простор. Токму тој тип на енергетска сиромаштија е најзастапен во земјава, затоа што покажува неможност да се загрее целиот дом.

Во рамки на проектот предвидено е тимот на МАЦЕФ да спроведе обуки за социјалните работници на тема „Насоки за ефикасно управување во енергијата во домот“. Целта на овие обуки е преку социјалните работници да се пренесе пораката за правилното користење на енергија во домаќинствата и воедно да се олесни товарот врз семејниот буџет кој произлегува од трошоците за енергија.