Намалени и извозот и увозот, трговскиот дефицит до ноември лани 2,9 милијарди евра


 Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – ноември 2024 година, изнесува 7,2 милијарди евра и бележи пад од 5,8 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 10,1 милијарди евра, што е за 0,6 отсто помалку во споредба со 2023 година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2024, изнесува 2,9 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз е 71,3 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.

Во периодот јануари – ноември 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.