Намалена цената за приклучок на парно за новите објекти од 3.180 денари на 2.000
Цената за приклучок на парно греење е намалена за 37 проценти, односно од 3.180 денари на 2.000 денари по инсталиран киловат, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски.
Според Бислимовски, со оваа мерка се стимулираат инвеститорите да се приклучуваат на еколошки системи, но и да се зголеми бројот на корисници со што ќе се намалува и цената за топлинска енергија до крајните потрошувачи.
-По намалувањето на цената за приклучок на електрична енергија од 500 евра на 370 евра, денеска ја намаливме и цената за приклучок на нови објекти што ќе бидат приклучувани во наредниот период. Со тоа продолжуваме да даваме сигнали до иневститроите да се приклчуваат на еколошки системи, а имајќи предвид дека производството на топлинска енергија во Скопје е на природен гас, даваме уште поголем сигнал за зголемување на бројот на потрошувачи приклучени на овој систем, а со зголемувањето на бројот на потрошувачи сакаме да ги намалуваме цените за топлинска енергија до крајните потрошувачи, истакна Бислимовски на прес-конференција.
Тој најави и дека со новите мрежни правила за дистрибуција на електрична енегија РКЕ ќе врши засилена контрола на работењето и одржувањето на системот за дистрибуција на топлинска енергија што сам ги носеше операторот. Сега тие ќе бидат одобрувани од страна на РКЕ.
-Продолжуваме да воведуваме нови начини на контрола на компаниите кои дистрибуираат топлинска енергија, подвлече Бислимовски.
Според најновите анализи на РКЕ, во Скопје цената на топлинската енергија е најниска во однос на други поголеми градови од регионот.
-Цената во Скопје е за 77 отсто пониска од онаа во Белград, за 36 отсто пониска од онаа во Љубљана, за 27 отсто пониска од онаа во Сараево, за 26 отсто пониска од онаа во Нови Сад и за 8,4 проценти пониска од онаа во Софија. Верувам дека ова е уште еден доказ со кој ќе им дадеме сигнал на инвеститорите кои градат згради, своите новоизградени објекти да ги приклучат на системот за топлинска енергија. Притоа, треба да се знае дека сите нови згради кои ќе бидат приклучени ќе мора да постават каломериметри за секој стан, потенцира претседателот на Регулаторната комисија.
РКЕ, дополни, е во комуникација со БЕГ, некои производители на калориметри и со Владата за да најде најекономичен начин за воведување калориметри во зградите со хоризонтален системи.
Одговорајќи на новинарски прашања, Бислимовски истакна дека има поплаки од потрошувачи до РКЕ за добиени високи сметки на струја.
-Има одреден дел поплаки стигнати до РКЕ. Неколку пати ја известивме јавноста дека секој потрошувач има право на самоотчитување. Може сам да ја прочита состојбата на своето броило и да ја достави до снабдувачот по што сметката веднаш ќе му биде корегирана. Направивме и сериозен притосок врз ЕВН да објави веб алатка/апликација на која електронски секој потрошувач ќе може да ја достави потрошувачката врз основа на што фактурата ќе му биде веднаш корегирана. Фактички, секој би бил сам свој инкасатор, подвлече Бислимовски.
Според него, сите потрошувачи кои биле исклучени од ЕВН, а се обратиле до РКЕ, се повторно вклучени. Оние, пак, кои имале огромни долгови за струја пред кризата, од по 400.000 – 500.000 денари, треба да покажат разбирање и да ги покријат.
-Инсистираме и кај ЕВН да покаже разбирање, особено за комерцијалните објекти. Веднаш се потпишува договор за плаќање на трошоците на рати и потоа се приклучуваат. Се разбира дека има и карактеристчни случаи кои пред кризата имале долгови од 400.000 – 500.000 денари и тие граѓани треба да покажат разбирање дека треба да ги покриваат своите трошоци за електрична енергија, рече Бислимовски, нагласувајќи дека за плаќањето на рати камата нема да се плаќа за месеците додека трае вонредната состојба.
Наплатата на ЕВН изнесува околу 95 – 96 отсто, а конкретно во делот на домаќинствата 92 – 93 проценти.
Бислимовски уште еднаш порача дека неплаќачите треба да се потрудат да ги подмират сметките, а редовните плаќачи да се наградат.