„Налепници нема“ известување на станиците за технички преглед


Возачите, кои утрово се обидоа да земат налепница цо кратенката „НМК“ за своите возила, во станицата за технички преглед во Автокоманда, не можеа да го направат тоа, затоа што уште на вратата стои известување дека налепници нема. 

Налепниците со ознаката НМК кои треба да се залепат на регистарските таблички се бесплатни за граѓаните, а од утре (вторник) се задолжителни.

Обврската за користење на ознаката „НМК“ на регистарските таблички е од Преспанскиот договор.

Вчера пак, МВР соопшти дека  возачките дозволи, од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија.

„Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија“, додаваат од таму.

Предупредуваат дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета.

Дополнителен проблем е начинот на кој налепницата треба да се залепи на регистарската табличка. Тоа не може да го направи самиот возач, туку во техничката станица треба да појде со возило и со сообраќајна дозвола, па низ посебна процедура, контролор од станицата за технички преглед ќе ја залепи налепницата.