НАкС: Гранковиот колективен договор за високо образование и наука единствено системско решение


Фото: Б. Грданоски

Независниот академски синдикат (НАкС) заедно со Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК), вчера одржаа прес-конференција на која ги образложија ефектите од првиот гранков Колективен договор за високо образование и наука, потпишан на 4 мај 2021 година и ги претставија плановите за потпишување на нов договор.

По низата дезинформации кои се појавија во јавноста во врска со содржината и важењето на Колективниот договор, чувствуваме потреба да ја известиме јавноста за правата кои вработените во сите јавни високообразовни и научни установи ги стекнаа со неговото потпишување. Дел од најважните права за кои НАкС и СОНК се изборија со Колективниот договор се:

Ø Покачување на платите на наставниот кадар во просек од 40% во последната една и пол година;

Ø Покачување на платите на ненаставниот кадар во просек од 15 – 50 % во последната една и пол година.

Ø Право на континуиран пораст на платите;

Ø Загарантирана исплата на минат труд од основниот буџет на МОН;

Ø Утврдување на платите согласно сложеноста на работните места;

Ø Поставување на праг на оптовареност за наставниот кадар во делот на наставата;

Ø Проширување на основата за покренување штрајк, вклучително и заради одбрана на автономијата.

Ø Право на учество на вработените преку синдикален претставник во работата на раководните тела и органи при одлучување за материјалната и социјалната положба и правата од работен однос, како и во врска со условите за работа и безбедноста и здравјето на работното место.

И по истекот на рокот за кој е потпишан, Колективниот договор не е завршен, одосно во сила се сите негови одредби сè до потпишување на нов. Меѓу клучните придобивки во Колективниот договор се предвидените механизми за годишно усогласување на платата врз основа на растот на просечната плата, како и непрекинатиот континуинет во примената на сите негови одредби сѐ до потпишување на нов договор.

По две години од неговата примена, јасно е дека Гранковиот колективен договор е најдоброто системско и сеопфатно решение, со кое на секторот високо образование и наука му се гарантира неопходната стабилност и транспарентност во работењето, но и дополнително унапредување на правата на вработените преку потпишување на поединечни колективни договори на ниво на работодавач. Во изминатиов период стана исто така јасно дека е неопходно изнаоѓање на подобри решенија за некои негови аспекти, како што се висината на коефициентите со кои се вреднува сложеноста на работните места, а кои во овој момент сѐ уште се најниски споредено со регионот,

покривањето на трошоците за функционален додаток за сите факултети подеднакво, покривањето на трошоците за прекувремена работа. Особено е важно да се изнајдат подинамични решенија со кои основата за исплата на платите на вработените ќе го следи порастот на минималната плата во државата и реалните трошоци за живот. Имајќи го предвид сето ова очекуваме час-поскоро да започнат преговорите со МОН за нов Колективен договор, со кој за сите вработени ќе се обезбедат уште подобри услови за работа. Ги поттикнуваме вработените во високото образование и науката да му дадат поддршка на овој процес така што во погoлем број ќе се придружат во синдикалните организации.