Најспецифични се изборите во Кочани по трагедијата од март годинава

Кочанчани пред себе ќе имаат избор како никогаш до сега од осамостојувањето – шест кандидати за градоначалник и девет листи со кандидати за советници.
На првиот ден од кампањата кандидатот од СДСМ и оној поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, а се декларира како натпартиски, се сложија дека избори во овој град на истокот од Македонија, ќе бидат најтешки досега.
Така, надпартискиот кандидат за градоначалник на Општина Кочани, Влатко Грозданов поддржан од ВМРО – ДПМНЕ, ги смета за можеби најважните во историјата на градот. Тој е убеден дека овие избори ќе бидат едни од најфер, најкоректните и најмирните до сега. Грозданов најави кампања која ќе биде заснована на комуникација со луѓето.
Александра Коцева, носител на листата на кандидати за советници на СДСМ и коалицијата смета дека овие избори за граѓаните на Општина Кочани се најспецифични после големата трагедија од март годинава.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Игор Христов, вети Кочани – чист и зелен град, Кочани – културен град, Кочани – безбеден град, Кочани – урбан град, Кочани – спортски и туристички град. Тоа се петте принципи за коишто ќе се залагаме во периодот којшто ни претстои, рече денеска на прес конференција кандидатот за градоначалник на Општина Кочани од редовите на СДСМ, Игор Христов.
– Сметам дека ние како Социјалдемократски сојуз ќе имаме позитивна кампања каде што сакаме да се судрат аргументите и фактите, а на нашите граѓани да им понудиме решение, нагласи Христов, на пресот што се одржа во „Паркот на Револуцијата“ во Кочани .
Тој порача дека паркот треба да биде симбол кој ќе обединува и ќе донесе позитивни промени во Кочани.
Коцева, носител на листата на кандидати за советници на СДСМ и коалицијата,порача дека сите треба да си подадат рака и меѓусебно да го издигнат Кочани, градот да прерасне во ново урбано место за живеење. Место кое во централните вести ќе го споменуваат по убави работи, место во кое ќе сакааат да живеат и возрасните и нивните деца.
Во Кочани има шест кандидати за градоначалник. Д – р Влатко Грозданов, како надпартиски кандидат, доби поиддршка за градоначалник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата, Игор Христов на СДСМ и нивната коалиција. Даниел Глигоров е кандидиран од партијата Единствена Македонија, а Жаклина Филипова Свеќароска на Левица. Зоран Тодоров и Венко Крстевски се независни кандидати за градоначалник на Општина Кочани.
Со посебно внимание треба да се следат изборите во Кочани, по трагедијата што го снајде овој град пред шест месеци. По пожарот што ја зафати дискотеката „Пулс“, каде загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени и сѐ уште се опоравуваат од изгорениците со кои се здобија, актуелниот градоначалник поднесе неотповиклива оставка, а за в.д градоначалник беше поставен Венко Крсевски, кој сега пак, претендира да стане градоначалник избран со поддршка од народот, но како независен кандидат.