Најниската минимална плата во ЕУ е 312 евра, а во една земја е дури 2.142 евра


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор на пленарната седница на Европскиот парламент, повторно го покрена прашањето за минималната плата на ниво на ЕУ.

„Дампинг платата го уништува достоинството на работата, ги казнува претприемачите кои плаќаат пристојни плати и ја нарушува фер конкуренцијата на единствениот пазар. Сите мора да имаат пристап до минимални плати преку колективни договори или врз основа на законски минимални плати“, порача претседателката на Европската комисија најавувајќи донесување на заеднички правила кои ќе им помогнат на земјите-членки да ја утврдат минималната плата, пишува Тпортал.

Дампинг платата го уништува достоинството на работата, ги казнува претприемачите кои плаќаат пристојни плати и ја нарушува фер конкуренцијата на единствениот пазар: Урсула фон дер Лајен

Праведна минимална плата за сите работници во Европската унија е еден од приоритетите на Комисијата на Урсула фон дер Лајен, а кризата предизвикана од панемијата со корона вирусот дополнително ги зајакна барањата за ангажирање на Европската унија во намалувањето на растечкиот јаз во платите и сиромаштијата на вработените.

Земјите од Европската унија имаат различни пристапи кон регулирање на најниските загарантирани плати. Минималната плата е пропишана со закон во 21 земја на Европската унија, а во шест земји-членки е утврдена со колективни договори.

Нејзината висина значително се разликува од земја до земја, во зависност од развојот, животниот стандард и социјалната чувствителност.

Според последните податоци на Евростат, бруто минималецот се движи од 312 евра во Бугарија до 2.142 евра во Луксембург. Хрватска е на дното на европската скала со 546 евра, пишува порталот.

Иницијативата на Европската комисија не е поставување единствена минимална плата на ниво на ЕУ или за промена на националните системи за минимална плата, туку главната цел е да се осигура дека минималните плати се поставени на фер ниво и со нив да се заштитат сите работници, пренесува Блиц.

На почетокот на септември, заврши втората фаза на советувањето на европските синдикати и работодавци за праведна минимална плата. На крајот на октомври, Европската комисија ќе излезе со предлог-директива со правила што ќе важат за сите членки.