Најниската цена и понатаму критериум за најповолна понуда, за фирмите тоа е и најчест проблем
Најниската цена како критериум во јавните набавки и понатаму е проблем за фирмите кои учествуаат, а 48 отсто од нив сметаат дека има корупција во набавките. Ова го покажува најновиот извештај Центарот за граѓански комуникации спроведениот мониторинг на јавните набавки за периодот јули-декември 2019 година ,направен врз основа на резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на тендер.
Во 97 отсто од тендерите е користена најниската цена е користена како критериум за избор на најповолна понуда, а електронската аукција е применета во дури 94 отсто од тендерите. Ваквото постапување според Центарот за граѓански комуникации, на институциите не е во согласност со актуелните европски трендови, ниту, пак, соодветствува на барањата на бизнис-заедницата.
-За три четвртини од фирмите „најниската цена“ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Задоцнетото плаќање повторно избива како голем проблем за фирмите, кои просечно чекаат седум месеци за наплата на побарувањата за завршените набавки. Четириесет и осум отсто од фирмите сметаат дека ‘секогаш’ или ‘често’ има корупција во јавните набавки. Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,82 (на скалата од 1 до 5), што е незначително намалување во однос на лани, кога оценката беше 2,87, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Мониторингот покажал дека честите поништувања на тендерите, причините за поништувањето и големината на тендерите за кои се носат вакви одлуки ја отвораат дилемата дали со поништувањата се прикриваат слабостите во спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите.
Во 2019 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени се 368 договори, во вкупна вредност од 40 милиони евра што во однос на претходната година намален е бројот на договори, но вредноста е зголемена за 21 отсто.
Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.