Најнеобичните имиња на децата на познатите


САД– Познатите личности, како и оние од нашата непосредна околина, понекогаш имаат навика да им даваат необични имиња на своите деца. На пр., глумицата Скарлет Јохансон на својот штотуку роден син му го даде името Космо…

„В ред, добивме бебе. Се вика Космо и ние многу го сакаме“, напиша неодамна комичарот Колин Џост,  сопругот на Јохансон.

Името има убаво значење – потекнува од грчкиот збор за хармонија и убавина, но во истовреме е и назив на едно од најпознатите списанија денес, и име на коктел.

Следат уште неколку претходни примери… Ед Ширан и неговата сопруга Чери Сиборн ја нарекоа својата ќерка Лира Антарктика, а Гвинет Палтроу и Крис Мартин завршија на насловните страници, заедно со нивната ќерка Епл (јаболко).

Можеби „едно од најконтроверзните имиња“ за бебиња беше изборот на Илон Маск, кој ја нарече својата ќерка – X Æ A-XII, а потоа рече дека се изговара како Екс-Еш.

Во таа смисла, тука е и откачениот „Веки“ Кал-Ел – синот на глумецот Николас Кејџ, или Пајлот Инспектор – синот на Џејсон Ли… Околу подалечната џет-сет историја, Френк Запа ги нарече своите деца – Мун Јунит, Двизл и Дива Тин Мафин.

Децата на познатиот готвач Џејми Оливер и неговата сопруга Џулиет Нортон имаат доста шарени „цветно-медени“ имиња – Попи Хани Роузи, Дејзи Бу Памела, Бади Бер, Петал Блосом Рејнбоу и Ривер Рокет Блу Далас.

Кање Вест и Ким Кардашијан имаа уште три деца по првата ќерка Норт. Ги нарекоа Чикаго, Сент и Псалм. Раперот Рик Рос го нарече својот син – Билион, а ќерката на Бијонсе и Џеј-Зи се вика Блу Ајви.

Децата на пејачката Тони Брекстон се викаат Деним и Диезел, а друго необично име носи ќерката на манекенката Лаки Блу Смит, по име Гравити.

Од поблиското соседство, слични примери се хрватскиот пејач Борис Новковиќ, кој со неговата партнерка Ирис Волф, ја нарекоа ќерката Си, како и пејачката Маја Шупут и синот ѝ Блум (англиски за „цвеќе“).