Москва изброја 143 жртви од нападот на салата „Крокус“

Хоспитализирани 115 лица, од кои пет деца, пренесуваат руските медиуми


 Бројот на загинати во терористичкиот напад во концертната салата „Крокус“ ​​во близина на Москва се зголеми на 143, објави денеска Рускиот истражен комитет на својот канал „Телеграм“.

Според претходно објавените податоци, повеќе од 140 се повредени.

„На местото на терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“, кога итните служби ги расчистуваа урнатините, пронајдени се повеќе тела, така што бројот на загинати во моментов е 115 лица“, се вели во соопштението на Истражниот комитет. 

Напаѓачи облечени во маскирни униформи упаднаа синоќа во голема концертна сала во Москва и отворија оган, при што ја запалија. Напаѓачите веднаш потоа побегнале, а утринава Руската Федерална разузнавачка служба (ФСБ) соопшти дека во врска со нападот се приведени 11 лица, меѓу кои и четворица терористи кои биле директно инволвирани.

Шефот на Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ), Александар Бортников го информирал рускиот претседател Владимир Путин дека се уапсени четворица терористи кои го извршија нападот во концертната сала „Крокус“ во Москва и уште седум други лица, соопшти денеска прес-службата на Кремљ.

Како што додава руската агенција, според прелиминарните податоци, луѓето починале од прострелни рани и труење. За време на нападот терористите употребиле автоматско оружје, а со запалива течност упаднале во просториите на концертната сала. 

Бројот на жртвите во нападот во Москва се зголеми на 93 лица

Истражниот комитет на Русија денеска соопшти дека бројот на жртвите во терористичкиот напад во Москва се зголеми на 93, јавија руските медиуми.

Бројот на повредени во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во Москва се зголеми на 145, соопшти Министерството за здравство на Московската област.

Нападот се случи кога неидентификувани маскирани вооружени лица синоќа отворија оган во концертна сала „Крокус“ во Красногорск, административен центар на московската област. Терористичката група Исламска држава (ИСИС) ја презеде одговорноста за нападот во Русија, се вели во кратката изјава објавена од новинската агенција Амак, поврзана со ИСИС, на Телеграм.

Најмалку 60 загинати и 145 повредени во терористичкиот напад во Москва

Утрово, според прелиминарните податоци, беше соопштено дека повеќе од 60 луѓе загинаа во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во Москва, а бројот на жртви може да се зголеми, објавено е на каналот Телеграм на Рускиот истражен комитет.

Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) синоќа соопшти дека имало пукање и пожар пред концерт во Красногорск кај Москва.

Бројот на ранети во терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во Москва се зголеми на 145, соопшти синоќа Министерството за здравство на Московската област.

Министерот за здравство Михаил Мурашко изјави дека се хоспитализирани 115 лица, од кои пет деца, пренесуваат руските медиуми. Според него, во тешка состојба се 60 возрасни и едно дете.

Рускиот истражен комитет покрена кривична постапка поради терористичкиот напад.

Неидентификувани маскирани вооружени лица синоќа отворија оган во концертна сала во Красногорск, територија во непосредна близина на главниот град Москва.

Нападот се случи во Крокус Сити Хол во Красногорск, административниот центар на московската област, за време на концерт.

Агенциите утрово објавија фотографии од салата која синоќа изгоре, како и од оружјето од кое беше пукано. Тројца напаѓачи, наводно избегале со бело „рено“.