„Најк“ ќе врачи речиси 2.000 откази
Американскиот производител на спортска облека „Најк“ соопшти дека ќе намали околу два отсто од својата работна сила за да ги намали трошоците во период на послаба побарувачка.
Поради високите трошоци за живот, граѓаните купуваат помалку спортска опрема, а трговците ги намалија нарачките, па „Најк“ одлучи да ги намали трошоците за две милијарди долари со прилагодување на структурата на производството и управувањето.
Износот вклучува и отпремнини од 400 до 450 милиони долари што компанијата планира да ги резервира во третиот квартал, според планот објавен во декември.
Во четвртокот тие објавија дека ќе укинат нешто повеќе од 1.600 работни места, од вкупно 83.700 ширум светот, нагласувајќи дека нема да отпуштат продавачи и работници во дистрибутивните центри.
Компанијата ќе укинува работни места во две фази, првата почнува во петок, а втората треба да заврши до крајот на мај, кога завршува четвртиот деловен квартал.
„Активностите што ги преземаме ќе ни овозможат да ја зголемиме нашата организација за да ги искористиме најдобрите можности за раст бидејќи интересот за спорт, здравје и благосостојба никогаш не бил поголем“, велат од „Најк“.
Во вториот деловен квартал кој заврши во ноември, приходите на „Најк“ се зголемија за еден процент на 13,4 милијарди долари. Нето добивката скокна за 19 отсто, на 1,58 милијарди долари.