Најголемата пиварница во Јапонија престана да точи пиво откако претрпе сериозен кибернапад

Најголемата јапонска пиварница – „Асахи груп холдингс“ е уште една жртва на списокот компании во светот коишто претрпеле кибернапад. Како резултат на тоа, оттаму беа принудени да прекинат некои операции.
Се чини дека нападот влијаел само на домашните дејства на компанијата, а меѓународните филијали досега не се погодени. Сепак, тоа е доволно за „Асахи“ да ги запре нарачките и испораките низ цела Јапонија. Покрај затворањето на дистрибутивните центри, затворени се и центрите за услуги на клиентите и услугите за поддршка.
„Активно ја истражуваме причината и работиме на враќање на операциите. Сепак, во мигов немаме проценка кога системот ќе се врати во нормала. Прекинот на системот е ограничен на нашите операции во Јапонија“, се вели во соопштението на компанијата.
„Асахи“ држи околу една третина од јапонскиот пазар на пиво, но има и глобален дострел преку своите други брендови. Јапонија како пазар учествува со околу половина од профитот на „Асахи“.