Најголемата надеж на Европа за батерии „Нортволт“ прогласи банкрот и во Шведска
Стечајот го означува крајот на компанијата која доби околу 15 милијарди долари од инвеститори и влади во технологијата клучна за електричните возила

Шведскиот производител на батерии „Нортволт“ (Northvolt) поднесе барање за банкрот во Шведска, со што заврши сагата за компанијата која вети многу, но на крајот не испорача речиси ништо. „Нортволт“ се сметаше за најдобра надеж за Европа, која се надеваше дека со овој производител на батерии ќе може да се натпреварува со Кина, која доминира во индустријата.
Шведскиот старт-ап, поддржан од Фолксваген, Голдман Сакс и Блек Рок, објави дека не успеал да обезбеди финансии за да продолжи со работа и дека стечаен управник назначен од судот сега ќе го продава имотот.
– Ова е неверојатно тежок ден за сите во „Нортволт“. Започнавме да изградиме нешто револуционерно – да поттикнеме вистинска промена во батериите, електричните и пошироките европски индустрии и да ја забрзаме транзицијата кон зелена и одржлива иднина“, рече Том Џонстон, привремен претседател на „Нортволт“.
Стечајот го означува крајот на компанијата која доби околу 15 милијарди долари од инвеститори и влади во технологијата клучна за електричните возила додека Европа се обидува да ги достигне азиските земји како Кина, Јапонија и Јужна Кореја.
Пријавата за стечај во Шведска доаѓа откако „Нортволт“ веќе поднесе барање за стечај во Поглавјето 11 во САД на крајот на минатата година, поточно во ноември, но сè уште се обидуваше со инвеститорите да најде начин да продолжи да работи. На пример, шведскиот производител на камиони Сканија, акционер и најголем клиент на батериите „Нортволт“, најави во тоа време дека ќе им позајми 100 милиони долари за да обезбеди производство на батериски ќелии за електрични возила во својата фабрика во Шведска. Сепак, ниту тоа не помогна, па во ноември минатата година, извршниот директор Ларс Ериксон поднесе оставка, велејќи дека компанијата треба да собере од 1 до 1,2 милијарди долари за нормализирање на работењето. Во крајна линија, средствата не беа подмирени и стечајот остана единственото решение.
Исто така, треба да се каже дека ова не е прв пат да пропадне стартап за производство на батерии. Неуспехот на A123 Системс пред повеќе од една деценија се издвојува како најпознат пример во САД – и веројатно нема да биде последен. Изработката на литиум-јонски ќелии е тешко, што бара длабоко познавање на хемијата, опремата за производство и подобрување на квалитетот. Банкротот на „Нортволт“ веројатно е повеќе знак за лошо лидерство отколку за помала побарувачка за електрични возила од очекуваното.