Најголем предизвик за рударството е трансформацијата од традиционално ископување кон дигитално и одржливо рударство


Претставници на академската заедница, индустриски компании, истражувачки институти, како и инженери од областа на рударството и геологијата учествуваат во работата на 16. Годишно стручно советување со меѓународно учество „ПОДЕКС – ПОВЕКС 2025“ што од денеска се одржува во Охрид.

На присутните на собирот им се обрати Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот во Штип, кој истакна дека тоа не е само традиционална средба туку повеќе место на размена на знаења, искуства и нови идеи во областа, средба што ја обединува науката, индустријата и праксата во рударството и геологијата.

– Современите достигнувањата во технологијата и сеопштиот напредок заедничката основа ја имаат во минералните суровини. Модерното рударство претставува темел без кој нема напредок во технологијата, нема енергетска транзиција, нема одржчив развој. Но, тоа рударство мора да е интелигентно, технолошки одговорно и насочено кон иднинатата, рече тој.

Во иднина на рударството нема да се гледа како на тешка индустрија, туки како стратешки партнер за одржлива и технолошки напредна цивилизација.

– Рударството ќе се редефинира од екстракција во ресурс на одговорност, со акцент на технологијата, одржливоста и социјалната вредност, истакна Димов.

На средбата беа посочени и предизвиците со кои се соочува браншата, од одржливо управување со минералните ресурси, преку заштитата на животната средина, до развој на нови технологии…

Горан Серафимов, претседател на Здружението на рударски и геолошки инженери на Македонија, истакна дека рударството не е само индустриска активност туку значаен двигател на економијата во земјата.

– Големиот предизвик, но и шанса за рударството е трансформацијата од традиционално ископување кон модерно, дигитално и одржливо рударство… Последните две-три години од ЕУ се отворени активни проекти за поддршка за дигитализација, автоматизација во индустриското производство на мали, средни и големи претпријатија, сето подржано со кредитни линии…,рече меѓу другото Серафимов, изразувајќи уверување дека економските и геолошките ресурси што ги има во земјата се во насока на додавање вредност, односно развој на циркуларни решенија за повторно користење на метали наместо само извлекување и извоз на суровини.

– Тоа значи поголем број работни места, повече приходи и технолошки напредок за регионот, рече Серафимов.

Програмата предвидува презентации на научни трудови, комерцијални презентации на компании од индустријата и свечен дел со доделување признанија за значајни достигнувања во 2025 година. Во рамките на советувањето ќе се одржат две панел-дискусии: „Научни предизвици и современи истражувачки тенденции во рударството: перспективи, методолошки пристапи и идни насоки“ и „Патот кон одржлив развој во рударството“. Се очекува од средбата да произлезат идеи и решенија што ќе се од корист за сите во односната сфера, но и за пошироката заедница.