Најавеното зголемување на пензиите извесно, за следните ни Мицкоски не знае


Христијан Мицкоски и владата на ВМРО-ДПМНЕ манипулираат со линеарното зголемување на пензиите, тврди СДСМ денес со соопштение.

„Пензионерите се излажани и денеска Мицкоски потврди дека нема да добијат плус 5.000 денари како што им се ветуваше. ВМРО-ДПМНЕ најавуваше зголемување на пензиите за 5.000 денари а сега велат дека нема да биде 5.000 денари туку на рати по 2.500 денари и тоа во септември и во март кога секако се зголемуваат пензиите заради усогласувањето“, велат од СДСМ.

Според нив, пензионерите би имале секако покачување според методологијата за усогласување во септември и во март.

„На износот што пензионерите секако би го добиле во септември и во март наредна година ВМРО-ДПМНЕ на тоа додаваат околу 1.000 денари, ништо повеќе. Така разликата од она што пензионерите би го добиле со усогласувањето, и тоа што ќе го добијат на крај пензионерите е околу 1.000 денари повеќе. Значи нема зголемување на пензиите од 5.000 денари. Дополнително рушењето на системот на усогласување на пензиите со просечната плата, односно со само линеарен раст, има ризик владата во иднина воопшто да не ги зголемува пензиите“, тврдат од партијата.

Претходно Мицкоски по стотипат објави дека од септември почнува исплатата на 2500 денари линеарно покачување на пензиите на пензионерите, посочувајќи дека од март следната година ќе ги добијат уште 2500 денари, што според него значи дека ова ветување на Владата ќе биде исполнето.

„Апсолутно, во подготовка е законот  за линеарното покачување, а не како што беше до сега, и за овој септември и за во март, така што оние 5.000 денари кои што беа ветени ќе легнат на сметката на пензионерите. Со ребалансот се предвидени овие средства за оваа година, но исто така со буџетот ќе ги предвидиме и за следната година. Па, ќе видиме, во зависност од тоа во каква кондиција ќе биде буџетот ќе видиме какви одлуки ќе носиме за следното усогласување во септември, дали ќе имаме повторно процентуално зголемување или ќе имаме повторно линеарно зголемување, она што го бараа пензионерите“, истакна премиерот Мицкоски.