Надзорна расправа за Алта банка: Многу прашања, малку конкретни одговори


Предистражна постапка случајот што ја потресува Македонија, влезот на српската Алта банка во Македонија и последиците кои потоа настанаа откако за неа во соседна Србија е отворен стечај, можеби има, а можеби и не. Оваа информација, како што рече вечерва Јавниот обвинител Ненад Савески, кој беше последниот сведок на денешната надзорна расправа за Алта банка Битола во собраниската Комисија за финансирање и буџет, не може да ја сподели со јавноста, бидејќи така налагаат законските прописи. Тој им порача на пратениците дека нивните прашања биле политички, а неговите одговори легалистички. Но, нагласи, Обвинителството будно го следи не само овој случај, туку и други, и доколку има елементи за кривично дело, ќе постапи соодветно.

„Јавното обвинителство постапува во секоја ситуација кога ќе утврди постоење на кривично-правен настан“, порача Савески. 

Одговарајќи на прашања на пратениците на надзорната расправа во Собранието посветена на Алта банка, Савески рече дека без оглед кој повикува на постапување, Обвинителството има обврска да реагира секогаш кога ќе утврди елементи на кривично дело.

„Без оглед кој го повикува Јавното обвинителство да постапи во конкретна ситуација, Oбвинителството постапува во секоја ситуација, секогаш кога ќе детектира дека постои кривично-правен настан. Доколку детектира кривично-правен настан, се утврдува идентитет на сторители и кое е кривичното дело – појасни Савески.

На прашањето на Талески дали е оформен предмет и дали се преземаат предистражни дејствија за Алта банка, Савески не даде конкретен одговор, посочувајќи дека не смее да изнесува информации доколку има предистражната постапка.

„Не споменав ниту дали има, ниту дали нема истрага. А доколку има или нема предистрага, за тоа не можам да зборувам бидејќи предистражната постапка е тајна и тоа е моја законска обврска“, истакна државниот јавен обвинител и нагласи дека законите важат еднакво за сите и дека секој што сторил кривично дело треба да одговара пред законот.

На расправата дојде до целосно спривставени гледишта на двајцата пратеници кои поставуваа прашања до Савески, едниот од СДСМ, а другиот од ВМРО-ДПМНЕ. И двајцата бараа од Савески да почне кривична истрага, но за нивните политички противници.

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, побара од јавниот обвинителНенад Савески да постапи поради лажниот исказ на премиерот Христијан Мицкоски.

Талески нагласи дека обвинителот има можност со конкретно постапување да ја докаже својата независност и да покаже дека не е продолжена рака на власта.

„Денеска тука, од тоа исто место каде што седите вие, претседателот на Владата даде лажен исказ“, рече Талески, обраќајќи му се на Савески.

Тој посочи на документ кој ги демантира тврдењата што Мицкоски ги изнел пред собраниската комисија и го отвори прашањето за одговорноста при сведочењето на надзорната расправа.

„Еве го тој документ со којшто се демантира сето она коешто Христијан Мицкоски тука на тоа ваше место го кажа и очигледно неговите пратеници не го предупредиле дека тука кога ќе дава исказ е под кривична одговорност и затоа следува моето прашање до вас“, истакна Талески.

Савески одговри дека обвинителските одлуки ги носат надлежните јавни обвинители врз основа на докази.

„Доколку имате докази за било какво сторено кривично дело од било кој, доставете ги до надлежното јавно обвинителство. Тоа е законска обврска на јавниот обвинител на кој ќе му биде распореден предметот да постапи и да донесе соодветна одлука – рече Савески. 

На прашање на пратеникот Бране Петрушевски поврзано со јавните настапи на претставници на СДСМ и евентуалната кривична одговорност за ширење информации што можат да влијаат врз стабилноста на банкарскиот сектор, Савески оцени дека лажните вести претставуваат сериозен општествен проблем, но нагласи дека во моментов во Кривичниот законик не постои посебна кривично-правна заштита за такви случаи.

„Лажните вести се сериозен општествен проблем. Не е само кај нас, тоа е проблем насекаде. Меѓутоа, во која мера е потребна кривично-правна одговорност или е тоа слобода на изразување, тоа е проценка која може да ја направи јавното обвинителство, но во овој момент таква кривично-правна заштита во нашиот Кривичен законик не постои“ – изјави Савески. 

Тој повтори дека јавниот обвинител нема избор кога ќе утврди дека во нечие постапување постојат елементи на кривично дело што се гони по службена должност.

„Секогаш кога Јавното обвинителство ќе утврди дека во нечие однесување се содржани елементи на конкретно кривично дело кое се гони по службена должност, јавниот обвинител мора да постапи – истакна Савески.

Претходно, пред присутните пратеници сведочеше претседателката на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигирувањето Ели Дракуловска, која посочи дека во моментот на донесување одлука за издавање на лиценцата на Алта осигурителното друштво биле исполнети сите услови согласно закон. 

Таа рече дека одлуката е донесена едногласно од страна на петмината членови на Советот на експерти на Агенцијата. 

Посочи дека Алта осогурителното друштво учествува само со околу 0,16 проценти во вкупниот осигурителен пазар и дека главно давало полиси за автоодговорност три месеци. 

На прашање на пратеникот Миле Лефков, кој бараше одговор во однос на шпекулациите во јавноста за наводни трансфери на значителни финансиски средства од Алта банка – Битола кон Србија и Русија, директорот на Управата за финансиско разнузнавање Кујтим Ибиши негираше дека постои такво нешто.

Привремениот администратор на Алта банка АД Битола, Илија Андовски, на надзорната расправа, нагласи дека со одлуката на Народната банка не е утврдено дека банката е несолвентна, ниту пак ѝ е одземена дозволата за работа, додавајќи дека станува збор за „посебна супервизорска мерка предвидена во Законот за банки со која Народната банка презема институционално постапување со цел да спречи понатамошно влошување на состојбата, да се заштити имотот на банката и да се зачуваат интересите на депонентите и доверителите.

Обврска на администраторите од Народната банка е во рок од 21 ден од именувањето да ја утврдат состојбата на банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.

Во однос на солвентноста на банката пред воведување на администрацијата, Андовски нагласи дека станувало збор за солвентна, ликвидна банка, којашто ги исполнувала сите супервизорски стандарди.

„Приоритет во текот на администрацијата е да се заштити имотот на банката, да се управува со нејзиното работење во рамки на утврдените ограничувања со решението и да се зачува континуитетот на дозволените банкарски активности во согласност со интересите на депонентите и доверителите“, изјави Андовски.

Како клучна причина за воведување на администрација, Андовски го посочи одземањето на дозволата за работа на Алта банка АД Белград од страна на Народната банка на Србија, на 30 октомври годинава, која беше доминантен акционер во Алта банка АД Битола со учество од над 95% во акционерскиот капитал.

Спроведувањето на мерката е за период од три месеци, а во однос на нејзиното спроведување Андовски рече дека се именувани тројца администратори, сите вработени во Народната банка, кои настапуваат како тим и имаат еднакви овластувања согласно надлежностите утврдени со Законот за банките.

Андовски во текот на надзорната расправа одговараше на прашања од пратеници Благој Бочварски од СДСМ и Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ, кои се однесуваа на финансиската состојба на банката.

„Во однос на солвентноста, последните расположливи супервизорски извештаи покажуваат дека банката имаше стапка на соодветност на капиталот од преку 26%. Законскиот минимум е 8%. Во однос на ликвидноста, учеството на ликвидна во вкупна актива беше околу 40%, стапката на покриеност на ликвидноста беше околу 566%. Законскиот лимит е 100%. Во однос на квалитетот на кредитното портфолио стапката на нефункционални кредити беше 2,9%, што е некаде во рамки на просекот на банкарски систем. Оттука, пред воведување на администрацијата стануваше збор за солвентна, ликвидна банка, којашто ги исполнуваше сите супервизорски стандарди – изјави Андовски.

Во однос на профитабилноста на банката низ годините, Андовски рече дека во третиот квартал годинава банката бележела загуба од 48 милиони денари.

„Ваквата загуба произлегуваше од стратегијата на акционерот којшто презеде интензивни вложувања во ИТ опрема, сервери, нови дигитални канали, нови вработувања и поради растот на оперативните трошоци имаше пораст во загубата, односно банката првпат забележа загуба – изјави Андовски.

Во однос на инволвираноста на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање во постапките за издавање дозволи и согласности, Андовски појасни дека таа ги обработува сите барања поврзани со дозволи и согласности во однос на банките и во рамки на Народната банка постои строго воспоставен систем на интерни контроли.

Датумот за одржување на продолжение на надзорната расправа и распоредот на искази, Комисијата за финансирање и буџет ќе ја утврдува дополнително на координација.