Над 300 лица ќе се обучат да станат пожарникари


Фото: Б. Грданоски

Над 300 лица ќе се обучат да станат нови пожарникари. Тие се пријавија на повикот на Владата да работат на превенција од пожари, а нивната обука започнува денеска. Во иднина ќе може да бидат вработени во локалните противпожарни единици, но и во новата единица која ќе биде формирана во Дирекцијата за заштита и спасување.

Директорот Стојанче Ангелов денеска информираше дека дел од пријавените 500 кандидати отпаднале во првичната селекција, но 364 продолжуваат на дводневна обука, од кои 34 во Скопје.

„Имаме одлични кандидати кои успешно ќе завршат обуката и кои ќе ги пополнат испразнетите места во противпожарните единици. Обуката ќе продолжи и кога ќе бидат распределени во единиците и ќе излегуваат на терен кога ќе има пожари во кои нема ризик и ќе бидат задолжени за некои превентивни активности додека не стекнат искуство“, рече Ангелов.

Претседателот на противпожарниот сојуз Зоран Кочовски информира дека обуката за сезонски пожарникари е започната во 13 градови низ целата земја.

„За време на обуката ќе има проверка на физичката спремност на кандидатите, а ќе ги запознаеме и со техникоте на гаснење пожари и прва помош“, рече Кочовски.